Додик предложи мандатар на Владата на РС без законско овластување

Милорад Додик/Архива

Милорад Додик го предложи Саво Миниќ за мандатар на новата Влада на Република Српска. Миниќ досега беше министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Додик го направи ова иако нема законска надлежност, откако Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина му го одзеде мандатот од позицијата претседател на Република Српска.

Централната изборна комисија (ЦИК) го одзеде мандатот бидејќи Судот на Босна и Херцеговина на почетокот на август изрече правосилна пресуда со која Додик е осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење јавна функција. Затворската казна потоа, беше отплатена.

Во меѓувреме, Радован Вишковиќ, досегашниот претседател на Владата на РС, на почетокот на неделата поднесе оставка, така што ентитетот Република Српска остана без претседател и без премиер.

Видете и ова: Британскиот амбасадор Рејли: Референдумот за пресудата на Додик е закана за уставниот поредок на БиХ

Оставката на Вишковиќ беше потврдена на 22. август од Собранието на Република Српска. Според законот, новиот мандатар го предлага претседателот на РС.

Во заклучоците на Собранието на РС од 22 август, се повикува Додик да продолжи да ја врши функцијата претседател на РС, се отфрлаат предвремени избори, а на институциите на ентитетот им се налага да не соработуваат со ЦИК. Опозицијата предупреди дека со тоа се влегува во зоната на кривични дела и повреда на уставниот поредок на БиХ.