Мицкоски: Владата има право да именува повереници во општините, ако изборите се неуспешни

Христијан Мицкоски, Архивска фотографија

Премиерот, Христијан Мицкоски не ја исклучува можноста да се создаде проблем во изборниот процес со оглед на тоа што независните кандидати можат да учествуваат со само два потписа од граѓани од изборната единица, што пак може да го зголеми бројот на кандидати и да направи гласачкото ливче да биде долго и збунувачко.

Сепак, тој истакна дека ако тоа се случи и изборите бидат неуспешни, Владата има уставно и законско право и можност да именува повереници во општините.

„Сѐ е можно. Можно е гласчкото ливче да биде 7 - 8 метри, да ги обесхрабри граѓаните да излезат, да се намали цензусот, но тука сакам да предупредам дека согласно Уставот и Законот, ако не е успешен избирачкиот процес, Владата е таа која именува владини повереници“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека „неодговорното однесување на поединци или поедини политички партии ќе резултира со ваков тип на можности“.

Според него, дали тоа ќе се случи, ќе се знае „ за многу скоро од денеска“.

„До 1 сепетември треба да заврши овој процес и да се види каков ќе биде“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања денеска (21 август).

Видете и ова: Иницијативата „Шанса за Центар“ продолжува со собирањето потписи за формирање партија во пресрет на изборите

Прашан, кога ќе бидат познати сите кандидати за градоначалници и носители на листите за советите во општините, рече дека тоа ќе се случи до крајот во предвидените рокови до крај на овој и почетокот на следниот месец.

„Пет-шеснаесет општини кои останаа мислам дека ќе ги комплетираме до крајот на месецов. Во првата недела од септември, од 1 до 5 септември ќе имаме состанок на ИК и на ЦК на партијата така што тогаш ќе ги комплетираме сите овие непознаници од аспект на градоначалници советници. Последниот рок е 13 септември“, истакна Мицкоски.

Претходно, Државната изборна комисија (ДИК) го усвои новиот Правилник за регулирање на постапка за собирање потписи за поддршка на кандидатски листи поднесени од група избирачи и за начинот на определување на нотарите за локалните избори 2025 година.

Со него, на независните кандидати за советници и градоначалници ќе им бидат потребни само два потписи за учество на претстојните локални избори.

Првиот круг од изборите е закажан за 19 октомври, а вториот за 2 ноември. Цензусот за избор на градоначалник и советници во првиот круг, е излезност на минимум една третина од вкупниот број запишани избирачи во општината или градот Скопје, согласно Изборниот законик.