Четирикратен пораст на руски саботажни операции во Европа

Шведска и другите балтички земји ги засилија поморските патроли по серијата инциденти во кои беа оштетени подводни фибер-оптички кабли, некои намерно.

Русија драматично ги зголеми саботажите низ Европа, при што бројот на напади насочени кон критична инфраструктура е речиси четирикратно зголемен од 2023 година, покажува новиот извештај на Меѓународниот институт за стратешки студии (МИСС).

Тој се совпаѓа со растечкиот број новински извештаи, обвиненија и разузнавачки предупредувања дека Москва ги направила тајните саботажи и операции за надзор врвен приоритет, со цел дестабилизирање на европските влади.

„Иако Русија досега не успеа да ја постигне својата примарна цел, европските престолнини се мачат да одговорат на руската саботажа и се предизвикани да се договорат за унифициран одговор, да координираат дејствија, да развијат ефикасно одвраќање и да наметнат доволно трошоци на Кремљ“, се вели во извештајот на лондонската тинк-тенк организација.

Видете и ова: Трамп се обидува да договори средба меѓу Зеленски и Путин, по разговорите во Белата куќа

Опсегот на таканаречени хибридни напади за кои е обвинета Русија вклучува палење, инциденти во кои бродовите оштетиле подводни комуникациски кабли, прекин на GPS сателитските навигациски сигнали и хакирање на компјутерска инфраструктура.

Повеќето од целите, според извештајот објавен на 19 август, се во Украина или се поврзани со европските напори за поддршка или снабдување на Украина со воена и друга цивилна опрема. Зголемувањето на инцидентите се совпадна со целосната инвазија на Русија врз Украина, која започна во февруари 2022 година и достигна врв во 2023 и 2024 година, четирикратно зголемувајќи се во тој период.

Во извештајот, исто така, е забележано забавување на нападите во првата половина од 2025 година, иако не е јасно на што точно може да се припише ова.

Европските и другите западни влади протераа десетици руски разузнавачки офицери, од кои многумина работеа под дипломатска покритие, уште пред инвазијата на Украина.

Тоа ги принуди руските агенции да се свртат кон операции во стилот на посредник или платеник, каде што луѓето се ангажираат, некои несвесно, за да извршуваат саботажи или други операции.

Минатиот месец, британски суд осуди тројца мажи за палење на магацин во Лондон каде што се складирала опрема наменета за Украина, заговор за кој обвинителите рекоа дека бил оркестриран од оперативци поврзани со руската платеничка компанија „Вагнер“.

Во поврзан инцидент, тројца Украинци беа обвинети за обид за палење на имот поврзан со британскиот премиер Кир Стармер.

„Русија ги искористи дупките во правните системи преку својот пристап на „гиг економија“, што ѝ овозможи да избегне припишување и одговорност. Од 2022 година и протерувањето на стотици нејзини разузнавачки службеници од европските престолнини, Русија е многу ефикасна во регрутирањето државјани на трети земји преку интернет за да ги заобиколи европските контраразузнавачки мерки“, се вели во извештајот.

Немаше непосреден одговор од руските претставници на извештајот.

Европските влади, исто така, недоволно инвестираа во одржување на безбедносни системи за критична инфраструктура, се вели во извештајот, дури и додека растат стравувањата дека тајната кампања би можела да биде дел од долгорочен руски напор.

„Некои земји-членки на НАТО проценија дека неконвенционалното војување на Русија е дел од нејзините долгорочни подготовки за потенцијален воен конфликт со НАТО“, се вели во извештајот.