Одобрено обвинение како продолжение на истрагата за „Адитив“

Кривичен суд, Скопје

Кривичниот суд го одобри обвинителниот акт против Б.Н. во предметот „Адитив“, отфрлајќи ги приговорите на одбраната. Истовремено, поднесен е обвинителен предлог против уште три лица за кривично дело „оддавање службена тајна“, а се разгледува и можноста за спојување на обвиненијата.

„Ја информираме јавноста дека Советот за оцена на обвинителен акт со КОК ООА 47/25 против Б.Н. за кривичните дела од чл. 394, чл. 275-в и чл. 273 од КЗ поднесен како продолжение на истрагата во предметот познат како „Адитив“, донесе решение со кое приговорите на обвинетиот поднесени преку неговите бранители се одбиваат, а обвинителниот акт се одобрува во целост“, стои во соопштението од Кривичен.

Оттаму дополнуваат дека заедно со конкретниот обвинителен акт, до судот од страна на ОЈО ГОКК бил поднесен и обвинителен предлог против Б.П.М., Т.Д. и М.С. за кривичното дело од чл. 360 од КЗ – Оддавање службена тајна, кој предлог не подлежи на оцена.

Видете и ова: Случај „Адитив“: Претседателката на ДКСК обвинета за одавање службена тајна

Дополнително, поднесено е и барање за спојување на обвиненијата со предметот „Адитив“, за кое, како што соопштуваат од Кривичен, ќе се одлучува во наредниот период.

Предметот „Адитив“ е поврзан со злоупотреби во државната компанија ЕСМ и фиктивни тендери вредни милиони евра.

Видете и ова: Почнува судењето за предметот „Адитив“

Истрагата опфаќа над 30 лица, меѓу кои и поранешни директори и функционери, а обвиненијата вклучуваат злосторничко здружување, злоупотреба на службена положба, перење пари и оддавање службена тајна.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинителен предлог и против, сега веќе поранешната, претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, која се сомничи дека во периодот од мај до декември 2024 година, на неповикано лице обвинето во предметот „Адитив“ му сторила достапни податоци кои се сметаат за службена тајна.

Воедно, на Димитровска ѝ се става на товар и дека незаконски го добила сертификатот за класифицирани информации. Димитровска поднесе оставка на 25 јули, а на 29 јули македонското Собрание ја констатираше.