Николоски: Државата го доби случајот „Казандол“, заштедени 115 милиони евра

Северна Македонија - Александар Николоски, министер за транспорт, 3 октомври 2024 година.

Донесена е пресуда во арбитражната постапка за рудникот „Казандол“ во валандовско каде државата беше тужена од неколку инвеститори кои бараа 115 милиони евра отштета, рече Александар Николоски, министер за транспорт и претседател на координативното арбитражно тело на Владата, на прес-конференција на 19 август.

„Можам со гордост да кажам дека овој случај го добивме. Сите 11 основи по кои државата беше тужена се одбиени и заштедени се 115 милиони евра. Пресдудата е целосно во наша корист, случајот не беше воопшто лесен“, рече Николоски.

Видете и ова: Управен суд- раскинувањето на договорот за рудникот Казандол е законито

По прес-конференцијата на Николоски, од СДСМ соопштија дека ВМРО-ДПМНЕ ја даде концесијата за Казандол.

„Во 2017 година, иницијативата „Спас за Валандово“ ја крена јавноста на нозе, се распишаа и локални референдуми, а граѓаните речиси едногласно гласаа против отворање рудници. ВМРО-ДПМНЕ и нивните градоначалници тогаш ги блокираа референдумите и се спротивставија на волјата на народот“, соопштија од СДСМ.

Арбитражен спор пред меѓународна институција во кој некоја компанија бара наплата на шетата од странска држава е пракса кога правилата на игра или договорите се нарушени.

Случајот „Казандол“ стигна до меѓународна арбитража откако поранешниот премиер Зоран Заев на 27 март 2018 година ја потпиша одлуката за едностран раскин на договорот, велејќи дека концесионерот не ги исполнил обврските.

„Владата е посветена на здравјето на граѓаните, здравјето е поважно од било кој приватен интерес и ова е порака до граѓаните на општините Валандово, Богданци и Дојран“, изјави тогаш Заев, додавајќи дека компанијата била обврзана „во рок од две години да изгради постројка за експлоатација на катоден бакар, а Владата нема да плаќа пенали, бидејќи во овој случај концесионерот не го испочитувал договорот“.

Концесионер на „Казандол“ беше англиско-украинскиот конзорциум „Сардич МЦ“.