Пет месеци од пожарот во „Пулс“ - родителите по 18.пат излегоа на марш

Родителите се уште бараат правда пет месеци по трагедијата во „Пулс“ во Кочани

Во Кочани денеска се одржа 18-тиот „Марш на ангелите“, собир на родители и роднини во чест на жртвите од пожарот во клубот „Пулс“, во кој животот го загубија 62 лица, а околу 200 беа повредени.

Маршот започна од Паркот на револуцијата, обвинителството и судот во Кочани. Стартуваше во 18:05 часот, време кое симболично ја претставува доцната институционална реакција на надлежните во дискотеката „Пулс“.

„Колку животи треба да згаснат за вие да се разбудите“, „62 животи – 62 иднини, 62 семејства со вечна болка“ беа дел од транспарентите на маршот.

Денеска се навршија пет месеци од најтешкиот ден во нашите животи, пет месеци празнина во срцето, во кои секој здив е потежок од претходниот, изјави Розета Џамова, сестра на загинатиот Јорданчо Џамов.

„Во овие месеци болката не стивнува. Секоја мисла води кон нив, секој миг е обоен со тагата по изгубеното. Спомените се единствената сила што не држи исправени. Мостот меѓу вчера и денес. Меѓу присуството и тишината. Љубовта што ја оставија зад себе е вечна и никогаш нема да згасне“, рече таа.

Видете и ова: Обвинението за несреќата во Кочани на стенд-бај

На маршот беше кажано дека полицијата се обидела да ја саботира поддршката за маршот со тоа што задржувала и легитимирала грагани кои со автомобили од други градови тргнале да учествуваат на протестот во Кочани.

Семејствата на загинатите и натаму бараат одговорност од институциите за трагедијата и посочија дека нема да се откажат од борбата за правда.