Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информира дека во текот на вчерашниот ден биле евидентирани повеќе од 20 пожари на отворен простор низ државата, од кои два се оценети како најсериозни.
„Најтешкиот пожар е оној во Јасен, но предмалку изгубивме контрола и на еден крак од пожарот во Јегуновце, кој гори на рид каде што има неколку репетитори. Репетиторите се успешно спасени и остануваат функционални, но пожарот е сè уште активен“, изјави Ангелов.
На терен дејствува еден полициски хеликоптер, а според проценките на Дирекцијата, се очекува пожарот во Јегуновце да биде ставен под целосна контрола во текот на денешниот ден (15 август).
Северна Македонија и ова лето се справува со зголемен број пожари на отворено.
Видете и ова: Истоштени пожарникари и тајни мотиви зад пожаритеНа територијата на цела држава е прогласена кризна состојба, која Владата на седница на 7 август ја продолжи за нови 30 дена.
За да се зајакнат капацитетите во справување со пожарите, Дирекцијата за заштита и спасување преку општините потпиша договори со 352 граѓани што се пријавија на неодамнешниот повик за обука на пожарникари.