Трамп вели дека Путин е подготвен за договор, Зеленски доби поддршка од Стармер

Британскиот премиер Кир Стармер и украинскиот претседател Володимир Зеленски, Лондон, 14 август

Рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да постигне договор за војната во Украина, изјави американскиот претседател Доналд Трамп денеска (14 август), пред самитот меѓу двајцата светски лидери во Алјаска.

Трамп изјави за радио „Фокс њуз“ дека верува оти Путин е „уверен дека ќе постигнат договор“ на самитот, кој ќе се одржи во воздухопловната база Елмендорф-Ричардсон во близина на Анкориџ, Алјаска.

„Ќе има договор. Мислам дека ќе има и ние ќе дознаеме за тоа“, рече Трамп.

Во Москва, Путин ги пофали напорите на Трамп да ја заврши војната во кратко видео објавено од Кремљ, додавајќи дека Белата куќа вложува „прилично енергични и искрени напори за запирање на непријателствата“ и „постигнување договори што се во интерес на сите вклучени страни“.

Часови пред изјавата на Трамп, украинскиот претседател Володимир Зеленски беше во Лондон за да разговара за безбедноста со британскиот премиер Кир Стармер.

„Во секој случај, Украина ќе ја задржи својата сила“, рече Зеленски по состанокот во резиденцијата на премиерот во центарот на Лондон.

Видете и ова: Зеленски разговараше со Стармер пред средбата Трамп-Путин


„Детално ги разгледавме безбедносните гаранции што можат да го направат мирот навистина траен“, додаде тој, сугерирајќи дека таква можност би можела да се појави ако САД успеат да „извршат притисок врз Русија да го запре убивањето“.

Посетата на Зеленски на Лондон следеше по неговата посета на Берлин во средата (13 август), каде што присуствуваше на видеоконференција со неколку големи европски лидери кои стравуваа дека ќе бидат тргнати настрана од Трамп и Путин.

Трамп се чини дека се обиде да ги смири тие стравувања, велејќи во интервјуто за Фокс њуз дека „во зависност од тоа што ќе се случи“ за време на неговата средба со Путин, можеби ќе се јави на Зеленски за брзо да закаже втор состанок на кој ќе учествуваат сите тројца лидери.

„Вториот состанок ќе биде многу, многу важен, бидејќи ќе биде состанок каде што ќе постигнат договор. И не сакам да го користам изразот да се „поделат работите“, но знаете, до одреден степен, тоа не е лош термин, во ред“, додаде тој.

Зеленски рече дека го предупредил Трамп за време на повикот во средата дека Путин „блефира“ за неговата желба да ја заврши војната.

Трамп ја предупреди Русија за „многу сериозни последици“ ако не ја запре војната во Украина, но сè уште постојат стравувања дека исклучувањето на Киев и Брисел од разговорите би можело да ја задуши нивната желба да ги заштитат фундаменталните европски и украински безбедносни интереси.

Американскиот претседател не ги објасни последиците со кои би можела да се соочи Москва ако не ја заврши војната во Украина, но рече дека целта на разговорите во Алјаска е „да се заврши војната“.