Од утре (15 август) стапува на сила мерката позната како „Училишна кошница“, односно одлуката за посебни услови за трговијата на одделни стоки, која до 15 септември ќе ги опфати трговците на мало и на големо кои продаваат училиштен прибор.
Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески очекува слични резултати како лани, кога оваа мерка беше спроведена прв пат.
„Минатата година со спроведувањето на оваа мерка според нашите податоци имавме заштеда од 750 до 2.000 денари по ученик, а годинава очекуваме заштедата да се движи од 800 до 2.000 денари“, рече тој.
Видете и ова: Трговците, производителите и дистрибутерите на средба кај Дурмиши за цените на хранатаРистески појасни дека со оваа одлука цените на производите кои ги користат учениците се враќаат на нивото од 1 јуни и за нив се дава попуст од најмалку 10 проценти во трговијата на големо и најмалку 15 проценти во трговијата на мало.
Заменик-министерот ги потсети трговците дека имаат обврска навремено да ги информираат потрошувачите за малопродажните цени на артиклите преку јасно означување со натписи „Помалку трошоци, повеќе за тебе”, како и јасно да ја означат старата цена која важела на 1 јуни годинава и да ја истакнат на новата цена со попуст.
Контрола на спроведувањето на одлуката на терен ќе прават инспекторите од Државниот пазарен инспекторат.