Уставниот суд на Северна Македонија оформи предмет во кој ќе го испитува Протоколот што земјава го потпиша во Република Бугарија на 17 јули 2022 година и беше потпишан во период кога се договори т.н. „француски предлог“ за одблокирање на пристапните преговори со Европската унија.
Од Уставен денеска (13 август) информираа дека во тек е постапка во која се испитуваат податоците и известувањата потребни за донесување на одлука.
Иницијативата со која се оспори Протоколот ја поднесе поранешната пратеничка и експретседателка на партијата ДОМ, Лилјана Поповска, која смета дека е спротивен на Уставот односно на основните слободи и права на човекот.
„Подносителката тврди дека Пртоколот има несоодветна форма и содржина, дека излегува надвор од рамките на правен акт кој обработува еден член од Договор меѓу две земји и произведува штетни дејствија врз идентитетските прашања за македонскиот народ, јазик и држава“, информираа од Уставниот суд.
Видете и ова: Потпишан протоколот меѓу С.Македонија и БугаријаКако што навела Поповска, таа смета и оти Пртоколот е противуставен бидејќи не е ратификуван во Собранието и не е објавен во Службен весник, а тврди и оти е спротивен на Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори.
„Во иницијативата е наведено дека Протоколот не е полноправен акт потврден од Параламентот туку останува само записник од состанок на Меѓувладина комисија“, велат од Уставен.
Она што го бара експратеничката од Уставен е да се поништи Проколот.
Протоколот беше потпишан во Софија за време на вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија меѓу Северна Македонија и Бугарија од страна на поранешните министри за надворешни работи на двете земји, Бујар Османи и Теодора Генчовска.
По потпишувањето, Османи тогаш кажа дека за земјава биле важни три работи и тоа: Протоколот да не биде дел од преговарачката рамка, македонскиот јазик да биде чист во комуникацијата со ЕУ и историските прашања да се надвор од преговорите.
Видете и ова: Османи - Протоколот е базиран на реципроцитетНа брифинг со новинарите, тој тогаш рече дека Протоколот „во својата правна суштина е записник од состанок“, во кој има дневен ред, преглед на политичкиот дијалог, средбите и активностите, потоа преглед на секторска соработка и на меѓуресорските работни групи, како и пет теми за кои двете држави треба да преземаат мерки. Петте теми се однесуваат на историјата, поддршка на ЕУ интеграцијата, говорот на омраза, територијалните претензии и рехабилитацијата на жртвите на репресија од комунистичкиот режим.
Наспроти тврдењата на тогашната власт, ВМРО-ДПМНЕ како опозиција, вклучително и актуелниот премиер Христијан Мицкоски, реагираа бурно споредувајќи го документот со капитулација.