Инфлацијата расте, а Владата причините ги гледа во поскапувањата во рестораните, транспортот и услугите, засилени од повисоките плати и пензии. И додека премиерот Христијан Мицкоски најавува претпазливост во носењето нови мерки, дел економски експерти предупредуваат дека досегашните потези се недоволни и дека властите потфрлаат во контролата на цените.
За инфлацијата, која во јули, според официјалната статистика, е зголемена за 4,8 отсто споредено со јуни минатата година, премиерот Христијан Мицкоски на 11 август рече дека „услугите засега се најголемиот генератор“ на зголеменото ниво.
„Тоа значи дека зголемените плати и пензии прават притисок врз побарувачката. Имаме зголемена побарувачка и луѓето можат да ја платат цената за услугата, а тие што ја нудат, ги качуваат цените на услугите се додека консументите можат да платат“, изјави Мицкоски.
Видете и ова: Растот на економијата - реалност или на кредит?За воведување мерки, во Владата се „многу внимателни“ бараат трајни решенија за кои Мицкоски денеска кажа дека е „подобро на краток рок да ја платиме таа политичка цена, отколку граѓаните да ја плаќаат во континуитет на долг рок„.
Засега останува само „ад-хок решението за септември, а тоа е училишната кошничка“. Тоа е владина мерка што од 15 август до 15 септември 2025 треба да ги намали цените на училишниот прибор за најмалку 10 отсто во големопродажба и 15 проценти во малопродажба. Мерката опфаќа производи како тетратки, ранци, моливи, калкулатори, лепак - и важи за сите продавници, од книжарници до супермаркети и спортски продавници.
Инфографика - Индекс на трошоци на живот и на цени на мало, споредбено јули 2025 со јули 2024
Јовановиќ - потрбно е замрзнување на цените
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во јули инфлацијата во земјава пораснала за 1,1 отсто во однос на јуни, а на годишно ниво достигнала 4,8 проценти. Индексот на цените на мало бележи зголемување од 5.3 отсто на годишно ниво.
Овој скок на цените, според економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ, е последица на, како што вели, неоправданото поскапување од страна на фирмите.
Тој вели дека во март и април кога биле замрзнати цените, инфлацијата изнесувала 2,7 отсто и 2,6 проценти, а во јули и јуни откако биле одмрзнати, скокнала на 4,5 и 4,8 отсто. Според Јовановиќ ова е единствената мерка што дала резултат и посочува дека Владата не сакала да ја продолжи повеќе од два месеца.
„Оној што треба да се грижи за граѓаните и сиромашните е Владата, оваа влада цело време, откако е дојдена на власт, потфрла со мерките за цените. Уште од првата „есенска кошничка“ – пред да ја воведат, инфлацијата беше 2,5 отсто, откако ја воведоа скокна на 5 проценти. Сè што правеа понатаму беше погрешно – новогодишна кошничка, ограничувањето на маржите, кавгите со синдикатот дека потрошувачката кошница не била 65.000 денари“, вели Јовановиќ за РСЕ.
Инфографика - Замрзнати vs одмрзнати цени 2025, според Бранимир Јовановиќ.
Според него, ако Владата навистина сака да ја ограничи инфлацијата, нема друго решение освен повторно да ги замрзне цените, но не на два или три месеци, туку на подолго време и на нивото од март и април, вели тој.
„И не само малопродажните цени, туку и големопродажните и дистрибутивните“, вели Јовановиќ.
Мерката за ограничување на маржите заврши на крајот на април, а и премиерот Мицкоски посочи дека сега нема да одат со популистички мерки.
„Праксата покажа дека ако само ја ограничиме маржата кај одреден дел производи, посебно прехранбените, таа потоа се прелева во следните месеци и на крајот се нивелира“, вели Мицкоски.
Ресторани, патувања и сместување ја качуваат инфлацијата
И анализите на Институтот „Фајнанс тинк“ покажале дека главните двигатели на инфлацијата сега не се цените на храната, енергијата или глобалните цени, туку зголемување на цените на услугите: ресторани и кафулиња 28 отсто, туристички аранжмани 26,6 отсто и сместување 14, 6 отсто.
„Клучниот двигател на ваквиот раст се засилената домашна побарувачка и високите реални приходи поддржани од ад-хок зголемувања на пензиите, силниот раст на платите, вклучително и во јавната администрација и невкотвените инфлациски очекувања. Овие фактори ја поттикнуваат домашната потрошувачка и дополнително вршат притисок врз цените“, вели за РСЕ Благица Петрески од Институтот „Фајнанс тинк“.
Петрески вели дека државните мерки не треба да се фокусираат на замрзнување или ограничување на цените на храната, кои се покажале како краткотрајни и реверзибилни, туку на стабилизирање на побарувачката и фискална поддршка кон ранливите групи, додека посочува дека монетарната политика треба да остане рестриктивна додека инфлацијата не покаже трајно повлекување.
На месечно ниво најголем раст на цените е забележан кај транспортот (9,9 отсто), додека угостителството бележи раст од 1,2 отсто според официјалната статистика. Храната, здравството и безалкохолните пијалаци се поскапени за 0,3 отсто на месечно ниво.
Инфографика - Годишен скок на цените 2024 - 2025 по категории
Плати и цени: споредба со ЕУ
Во однос на платите и пензиите, Јовановиќ вели дека тие имаат некаков раст во последните година-две, но посочува дека просечната плата во земјава сè уште е околу 30 отсто од просечната плата во ЕУ, а дека на нивото на цени се уште е 60 отсто.
„Така што јасно е дека проблемот е во профитите на компаниите кои во Македонија се повеќе од половина од БДП, а во ЕУ се околу една третина“, вели Јовановиќ.
Во обид да се стави крај на континуираниот раст на цените, властите во февруари најавија строги инспекциски контроли, а Комисијата за заштита на конкуренцијата отвори и истрага за ценовна манипулација од страна на неколку маркети.
Постапка беше отворена против четирите големи синџири маркети – „Веро“, „Тинекс“, „КАМ“ и „Рептил“ – како и Сојузот на стопански комори на Македонија.
Предметот, кој беше отворен на 20 февруари годинава, се однесува на сомнеж за склучување забранет договор за влијание врз цените, што според Комисијата претставува нарушување на конкуренцијата.
Од институцијата за РСЕ одговорија дека е изготвено конечно известување со утврдена фактичка состојба и дека прекршок е констатиран за сите опфатени субјекти, но дека постапката сè уште не е завршена. По донесувањето на конечната одлука и определување на евентуалните глоби, јавноста ќе биде известена.
„Комисијата донесе конечно известување за утврдена фактичка состојба со кое утврди прекршок за четирите ланци на супермаркети и Сојуз на стопански комори на Македонија. Постапката е сè уште во тек“, велат од Комисијата за заштита на конкуренцијата.