САД немаат намера да признаат палестинска држава, порача потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс.
Ваквата изјава американскиот потпретседател ја даде пред средбата со британскиот министер за надворешни работи, Дејвид Лами, во петокот во Лондон, каде што двајцата лидери рекоа дека темите на дискусија ќе бидат глобалната економија, војната меѓу Израел и Хамас и рускиот напад врз Украина.
Хамас е прогласен за терористичка организација и од страна на САД и од Европската Унија.
Одговарајќи на новинарски прашања пред средбата, Венс, ја коментираше и најавата на Обединетото Кралство да признае палестинска држава во септември доколку Израел не се согласи на прекин на огнот во Газа.
Тој рече дека не знае што би значело таквото признавање, „со оглед на недостатокот на функционална влада таму“.
Видете и ова: Европски дипломати ја осудуваат одлуката на Израел за преземање на ГазаНа прашањето дали Доналд Трамп бил однапред информиран за намерата на Израел да го заземе градот Газа, Џеј Ди Венс рече дека не сака да навлегува во такви дискусии.
„Доколку беше лесно да се обезбеди мир во тој дел од светот, тоа ќе се случеше досега“, рече тој.
Соединетите Американски Држави и Велика Британија, кои имаат историски близок однос познат како „специјална врска“, се во несогласување околу тоа како да се стави крај на војната во Газа.
Венс рече дека двете страни сакаат да го „решат проблемот“ со кризата во Газа, но дека „можеби имаат некои разлики во мислењата за тоа како точно да се постигне таа цел“.
„Тука има многу заеднички цели. Мислам дека има некои разлики во мислењата за тоа како точно да се постигнат тие заеднички цели, но тоа е – тешка ситуација“, рече тој.
Канада, Франција и Велика Британија минатиот месец објавија дека ќе признаат палестинска држава.
Во моментов, повеќе од 140 од 193-те земји-членки на Обединетите нации признаваат палестинска држава.
Меѓу нив се и некои членки на Европската Унија – вклучувајќи ги Шпанија и Ирска.
Израел ја започна војната во Газа како одговор на нападот на Хамас во јужен Израел на 7 октомври 2023 година, во кој беа убиени 1.200 луѓе, а повеќе од 240 беа земени како заложници.
Според палестинските здравствени власти, оттогаш повеќе од 61.000 Палестинци се убиени во Газа.
Поголемиот дел од Газа сега е претворен во урнатини.
Повеќе од 100 меѓународни хуманитарни организации и групи за човекови права предупредија на масовен глад во Појасот Газа, повикувајќи ги владите ширум светот да преземат итни мерки.