Европски дипломати ја осудуваат одлуката на Израел за преземање на Газа

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во петокот изјави дека Израел мора да го преиспита својот план за преземање на контролата врз градот Газа.

„Одлуката на израелската влада за понатамошно проширување на својата воена операција во Газа мора да се преиспита“, напиша таа на социјалната мрежа X.

На 8 август, израелскиот кабинет за безбедност одобри план за преземање на контролата врз градот Газа, објави канцеларијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху. Тој, претходно изјави дека сака да го преземе целиот Појас Газа, а одобрениот план конкретно се фокусира на градот Газа, најголемиот град во енклавата.

Холандскиот министер за надворешни работи Каспар Велдкамп на социјалната платформа Х напиша дека планот на Нетанјаху за интензивирање на операциите во Газа „е погрешен потег“.

„Хуманитарната ситуација е катастрофална и бара итно подобрување. Оваа одлука во никој случај не придонесува за ова, а исто така нема да помогне ниту да се вратат заложниците дома“, е наведено во неговата објава.

„Одлуката на израелската влада да ја интензивира воената операција во Газа е погрешна. Тоа само ќе доведе до уште поголемо страдање за цивилното население“, изјави данскиот министер за надворешни работи Ларс Леке Расмусен.

Видете и ова: Германија го запира извозот на воена опрема во Израел

Минатата недела, пред израелската најава за преземање на Газа, Словенија објави дека ќе го забрани увозот, извозот и транзитот на сето оружје до и од Израел како одговор на дејствијата на земјата во Газа - велејќи дека е првата земја-членка на ЕУ што го сторила тоа.

Минатиот месец, дваесетина претежно европски земји ги осудија ограничувањата на Израел за испорака на помош во Газа и убиствата на стотици Палестинци кои се обидуваа да дојдат до храна.

Негодувањето поради дејствијата на Израел во Газа се зголеми во Европа, по сликите на жртвите и прегладнетите Палестинците кои предизвикаа протести во Лондон, Берлин, Брисел и други главни европски градови.

Израелската одлука, донесена по состанокот на високи функционери доцна во ноќта, дојде и покрај зголемените меѓународни повици за прекин на војната и протестите на многумина во Израел кои стравуваат за преостанатите заложници што ги држи Хамас.

Повеќето од заложниците се ослободени со прекин на огнот или други договори, но 50 остануваат во Газа. Израел верува дека околу 20 од нив се живи.

Војната започна кога Хамас го нападна Израел на 7 октомври 2023 година, убивајќи над 1200 луѓе и земајќи стотици заложници. Израел одговори со жестока офанзива врз Појасот Газа, во која загинаа десетици илјади Палестинци, според тамошните здравствени власти.