Вкупно 352 кандидати ја завршија дводневна теоретска и практична обука изведена во координација со претставници на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и територијалните противпожарни единици на Град Скопје, каде се одвиваше обуката – информираше директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
„Овие лица утре ќе потпишат договор за работно ангажирање во рамки на владината мерка од оперативниот план за 2025, јавни работи за заштита и превенција од пожари и оплеменување на животната средина на локално ниво (пошумување)“, додаде тој.
Ангелов денеска (7. август) истакна дека вкупно 499 кандидати се пријавиле на јавниот повик на Владата, а од нив на обука се појавиле 364 кандидати.
Видете и ова: Ангелов „сонува“ за елитна единица, со пожарите се бори со воени возила и доброволциЦентарот за управување со кризи пак, претходно денеска соопшти дека до 15 часот, имало еден активен пожар, еден под контрола и еден изгаснат пожар. на територијата на државава.
Од Центарот за управување со кризи посочија дека активен е пожарот во село Неготино, блиску до пругата, во општина Врапчиште, каде што гори ниска вегетација.
Под контрола е пожарот во валандовското село Јосифово каде што е зафатена ниска вегетација и лозови насади, а изгаснат е пожарот во село Цер, Кичевско, каде што е опожарена ниска вегетација – додадоа од ЦУК.
Инаку, за мерката за ангажирање на 400 лица, пред сѐ, во создавањето на противпожарните појаси, Владата информираше на 07. јули.
Владината портпаролка, Марија Митева на прес конференција соопшти дека секој ангажиран учесник ќе добива финансиска поддршка од 24.000 денари.