Државната изборна комисија донесе упатство за избор на нови избирачки одбори за локалните избори

Графичка илустрација - Локални избори 2025

Државната изборна комисија денеска (7. август), донесе неколку одлуки во пресрет на локални избори.

Комисијата усвои упатство за именување на претседател, членови и нивни заменици во избирачките одбори, што произлегува од законските обврски за формирање нови состави од редовите на државната администрација, откако годинава истече четиригодишниот мандат на избирачките одбори, кои беа избрани пред локалните избори во 2021 година.

Како што посочи претседателот на ДИК Борис Кондарко, донесена е и методологија за именување на претседател, членови и нивни заменици на новите избирачки одбори.

Видете и ова: Предизборна општинска „дарежливост“, меѓу јавниот интерес и изборниот профит

„Изборот ќе се спроведе преку систем на случаен избор од Министерството за јавна администрација (МЈА), согласно важечките законски процедури и врз основа на упатство за родовата и националната застапеност“, нагласи тој.

Кондарко информираше дека Предлог-методологијата за именување на претседател, членови и нивни заменици на новите избирачки одбори произлегува од донесено упатството, а се однесува за новиот избор кој ќе следи до крајот на август на новиот состав од редовите на администрацијата.

„Потоа, во септември, ќе следи нивна соодветна обука и доставување прирачници за нивната работа“, изјави претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Кондарко.

Тој посочи дека оваа точка е поврзана со претходно усвоеното Упатство (точка 10) и претставува „логичен следствен чекор во постапката за составување на новите избирачки одбори во пресрет на Локалните избори 2025 година“.

Видете и ова: Независните советници „сардисани“ во правна битка пред избори

Едногласно беше усвоена и Предлог-одлука за измена на описот на избирачки места во кои бројот на избирачи надминува 1000 како дел од редовната постапка за усогласување со законската одредба дека на едно избирачко место не смее да има повеќе од 1.000 избирачи.

Промените се однесуваат на избирачки места во општините Гостивар, Кисела Вода, Чаир, Струмица, Куманово и во Тетово, каде што ќе се изврши нова распределба на гласачите – без да се менува вкупниот број на избирачки места. Овие одлуки се дел од подготвките за одржување на изборите во согласност со Изборниот законик и со цел обезбедување фер и ефикасен изборен процес.

ДИК ја усвои и Предлог-одлуката за измена и дополнување на Годишниот план за вкупни потреби за јавни набавки за 2025 година на ДИК.

Членот на ДИК, Ангелчо Ристов рече дека предмет на измена во Годишниот план се набавка на сервер за системскиот и софтверскиот оддел на ДИК. Втората е набавка на систем за складирање на податоци, исто така, наменет за серверскиот оддел на Комисијата.

Беше усвоена и Предлог-одлука за дополнување на Упатството за работа на Oпштинските изборни комисии и Општинската изборна комисија на град Скопје.

Воедно, комисијата го прифати Предлог-правилникот за неможност за извршување на повеќе работни обврски по два или повеќе основи во постапката за организирање и спроведување на еден ист изборен процес.

На седницата исто така, беше усвоена и Предлог-одлуката за неможност за извршување на работни обврски по два или повеќе основи во постапка за организирање и спроведување на ист изборен процес и Предлог-одлука за изгледот на беџовите за идентификација.

Во самата одлука се наведува дека следните категории лица не можат истовремено да бидат ангажирани по повеќе основи од страна на ДИК: членови на изборни органи, членови на избирачки одбори, членови и секретари на општински изборни комисии, сертифицирани обучувачи за изборни органи, лица ангажирани како помошни тела во Стручната служба на ДИК.

Видете и ова: Закони има и се носат, ама без политичка волја нема непартиска администрација

Кондарко најави дека на денот на распишување на изборите ДИК ќе одржи јавна седница на која ќе го донесе роковникот со изборни дејствија што ќе следат.

Според бројот на учесници, изборната администрација, вклучувајќи ги и вработените во Државната изборна комисија (ДИК), локалните избори се најголеми и најмасовни.

Карактеристично за овие избори е и тоа што дијаспората нема да може да гласа, а ако некој од македонските државјани сака да го искористи своето право тоа ќе може да го направи само доколку допатува во земјата.

Вкупниот буџет за одржување на локалните избори 2025, кој е веќе објавен, изнесува 9 милиони 760 илјади евра, од кои две третини се пари наменети за медиумите и платеното политичко рекламирање.