Владата одлучи да ја продолжи кризната состојба предизвикана од пожарите на отворено, за 30 дена.
Со ова продолжување се обезбедува навремена помош за сите засегнати подрачја, односно сите ресурси вклучително и човечки, технички, логистички остануваат мобилизирани, сè со цел да се справат со пожарите и заштита на населението од огнените стихии – соопшти владината прес служба денеска ( 7. август).
Поради високиот ризик од шумски пожари во државата, властите упатија апел до граѓаните да бидат внимателни и да ја почитуваат целосната забрана за движење во шумите и шумското земјиште (донесена од 01.07.2025 година и ќе трае до 31.08.2025 година).
Видете и ова: Истоштени пожарникари и тајни мотиви зад пожаритеВо спротивно сите оние кои не се придржуваат кон оваа одлука, која е донесена за спречување на пожари, ќе бидат казнети со парична казна од 1.500 до 2.000 евра - стои во владиното соопштение.
Претходната владина одлука за прогласување кризна состојба поради зголемениот број пожари, беше донесена на 8. јули.
Владината портпаролка, Марија Митева тогаш на прес конференција соопшти дека одлуката е донесена врз основа на тогашната седница на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи поради сложената состојба на теренот, високите температури, силните ветрови и ризикот за животната средина, имотот и безбедноста на граѓаните.