Трите големи банки и една средна банка ќе ги намалат надоместоците за платежни услуги за граѓаните и компаниите, соопшти денеска (7 август), гувернерот Трајко Славески. До ова доаѓа токму на негова иницијатива со која побара од банките да ја ревидираат висината на надоместоците за извршување на плаќањата за граѓаните и компаниите.
Првиот човек на Народната Банка очекува ова да го направат и другите средни и помали банки.
Според Славески, намалувањата се особено значајни за извршување на плаќањата на клиентите преку интерните системи на банките, како и преку платните системи каде плаќањата се извршуваат меѓу банките во реално време во текот на денот.
„Банките се повеќе почнуваат да ги нудат бесплатно плаќањата што се иницирани преку електронското и мобилното банкарство и се извршуваат во нивните интерни системи. Забележуваме надолна корекција на висината на надоместоците кај една од банките и кај повлекувањето готовина на шалтерите на банката, како и кај останатите услуги поврзани со плаќања во готовина, преписи на документација и издавање потврди“, истакна гувернерот.
Тој најави дека Народната банка ќе покрене иницијатива за измени на законското решение за платежната сметка со основни функции, со кои ќе се овозможи нејзино помасовно користење од страна на граѓаните за извршување на плаќањата кај сите банки. Па така, на граѓаните ќе им се овозможи дозволено пречекорување што моментно не е случај и не ќе мораат да ги затвораат останатите платежни сметки во денари за да ја користат платежната сметка со основни функции.
Видете и ова: Провизиите на банките на едно место - Дали конкуренцијата ќе ги турне?Народната банка предлага цената на услугите што ќе може да се користат преку платежната сметка со основни функции, да биде поврзана со износот на минималната бруто плата и да биде утврдена на најмногу 0,1 отсто од неа, што согласно важечката минимална бруто плата за 2025 година би изнесувала 36 денари месечно. Граѓаните, пак, од ранливите категории се предлага да ги добиваат услугите бесплатно.
Уште во јуни, гувернерот Славески на средбата со претставниците на Македонската Банкарска Асоцијација, побара во најкус можен рок банките да ги намалат надоместоците за извршување на плаќањата за граѓаните и компаниите и да ги постават на разумно ниво. Најави дека на тоа ќе претходи намалување на надоместоците што банките ги плаќаат за користење на услугите во Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС), како што се надоместоците поврзани со долговниот промет.
Видете и ова: Банките ги разгледуваат тарифите за намалување на провизиитеСлавески предупреди дека високите трошоци за извршување на плаќања можат да бидат бариера за користење на официјалните канали, особено кај населението со пониски примања кое во услови на ценовно недостапни услуги ќе мора да се потпира повеќе на готовина.
„Надоместоците за одржување на платежна сметка за компаниите - иако се на слично ниво како кај матичните банки од ЕУ, сепак претставуваат висок трошок, посебно за малите и средните компании во земјата, поради што треба да се намалат. Надоместоците за користење на електронско и мобилно банкарство, во услови кога се наплатуваат надоместоци за одржување на платежна сметка, претставуваат дополнителен трошок кој би требало да се укине имајќи предвид дека оваа услуга е вообичаено бесплатна за граѓаните кај матичните банки од ЕУ, а дел од нив не наплатуваат вакви надоместоци ни од компаниите. Надоместоците за плаќањата со платни налози во рамки на банката треба да се укинат имајќи предвид дека за нивно извршување не е потребно користење на платни системи кои создаваат трошоци за банките, а оваа услуга е вообичаено бесплатна за граѓаните кај матичните банки од ЕУ“, рече тогаш гувернерот.
Тој побара да се намалат и надоместоците за меѓубанкарските плаќања во домашната валута кои се извршуваат преку платните системи КИБС и МИПС, како и надоместоците за подигнување готовина на туѓи банкомати во земјата и странство кои кај некои банки се и во вид на процент од износот.
Податоците на Народната банка покажуваат дека во изминатите неколку години, банките повеќекратно го зголемиле профитот, токму од провизии и надоместоци.
Според последните податоци од 2024 година, нето-приходите од надоместоци учествуваат со 18 проценти во вкупните нето-приходи на банките.