Нефункционални објекти и опрема, затворен Aква парк и пропуштени можности за дополнителни приходи на спортскиот центар „Борис Трајковски“

Скопје, затворен Аква парк во спортскиот центар „Борис Трајковски“

Нефункционални објекти и реквизити, затворен Aква парк, неизвесност околу иднината на соларниот систем и пропуштени можности за дополнителни приходи, утврди Државниот завод за ревизија (ДЗР) во Ревизијата на Друштвото за изградба, управување и издавање на повеќенаменската сала „Борис Трајковски“ за 2023 година.

„Со ревизијата е утврдено дека друштвото во 2023 година остварило приходи од закупнини во вкупен износ од 10.901 илјада денари, врз основа на 24 активни договори за издавање деловни објекти под закуп. Три од договорите, биле склучени во периодот од 2011 до 2013 година и се со важност од 10 до 15 години, согласно тогашната важечка законска регулатива, додека другите договори се склучени врз основа на постојниот Закон за продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Република Северна Македонија“, информираат од ДЗР.

Со извршените анализи, додаваат, констатирано е дека кај два договори, цената постигната на јавно наддавање била само незначително повисока од почетно утврдената; кај пет договори цената останала непроменета во однос на почетната и - кај 14 договори постигнатата цена е пониска од првично проценетата, со намалувања кои се движат од 6% до дури 50%. Овие договори се склучуваат на период од четири години, а по нивниот истек се продолжуваат со анекси, под исти услови и без ревидирање на цените според актуелните пазарни услови.

Видете и ова: Државен имот со големина на 84 скопски плоштади е „ничија земја“

Со ревизијата е опфатено и работењето на Аква паркот, при што утврдено е дека во 2023 година, вкупниот остварен приход изнесувал 4.290 илјади денари, што е за 41% помалку од планираниот износ. Во 2024 година, Аква паркот е затворен поради економската неисплатливост, како и поради истечениот гарантен рок од 10 години на вградените реквизити, опрема и инсталации, период во кој изведувачите гарантираат за квалитетот на изведените работи.

„Резултатите од анализата покажуваат дека приходите од користење на пливачки базен, лизгалиште, мала сала, куглана, конгресна сала и пинг понг центар во последните три години во континуитет бележат пораст кој продолжува и во 2024 година, додека Аква паркот има тренд на пад на остварените приходи, а во 2024 година не работи и не остварува приходи“, посочуваат ревизорите.

Дополнително, ревизорите укажуваат на неизвесност во однос на натамошното функционирање на вградениот „соларен систем“ кој се состои од соларни панели и топлински пумпи за загревање на пливачкиот базен. Системот е ставен во употреба во 2014 година и функционирал со прекини заклучно до 2023 година, но поради утврдени технички недостатоци на соларните панели системот не функционира и за нив не е најдено ново соодветно решение, се посочува во ревизијата.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

На тропски температури, скопјани на разладување само во фонтана

Истовремено, во извештајот истакната е пропуштената можност на Борис трајковски ДООЕЛ Скопје за остварување приходи од стопанисување со паркингот, за кој друштвото има стекнато право на користење, но со години наназад не остварува приходи од издавање на паркингот.

Ревизорскиот извештај за Спортскиот центар „Борис Трајковски“ открива дека објектот бил изграден уште во 2011 година преку задолжување на Град Скопје, со заем во износ од 260 милиони денари. Договорено било овој износ да се враќа во три еднакви месечни рати уште истата година, но слабата финансиска кондиција на управителот го направила тоа невозможна мисија. Наместо во 2011, исплатата започнала дури во 2019 година, осум години подоцна.

Во меѓувреме, центарот работел со загуба, а ликвидноста била нарушена. Од 2019 до 2022 година, не успеал самостојно да генерира доволно средства за да го враќа долгот, па наместо тоа, целата обврска паднала на товар на државниот Буџет. Министерството за финансии го зголемило основниот влог на државата во друштвото, и со тоа ги покрило сите три рати. Последната била исплатена дури во 2023 година.