Децата кои се на долготрајно лекување на Клиниката за детски болести во Скопје, ќе можат да следат настава откако и официјално беше соопштено дека ќе се воведе формално основно образование во болнички услови. Ова беше најавено од министерката за образование и наука Весна Јаневска, министерот за здравство Азир Алиу и Марија Вук, претседателка на НВО САНО - (Здружение кое им помага на децата со канцер).
Како што беше појаснето, МОН со поддршка од граѓанскиот сектор, воведува формално основно образование за децата кои се на подолгорочно лекување на Клиниката за детски болести во Скопје.
„Направени се измени на законска и подзаконска регулатива и училиштата каде се запишани децата кои се на лекување на Клиниката, треба да ги вклучат во настава од септември – директно, односно онлајн додека траат часовите, или преку асинхрона комуникација (наставникот му испорачува материјали на ученикот, му задава задачи, оценува знаење...). Наставникот може да организира и индивидуална настава за ученикот, преку некоја дигитална алатка, беше речено на Клиниката и истакнато дека сето ова ќе зависи и од здравствената состојба на детето.
Целта е децата да немаат застој во воспитно-образовниот процес и по завршување на лекувањето, полесно да се ресоцијализираат, да се вратат во училиштето и меѓу другарчињата. Беше нагласено дека ниедно дете не смее да биде лишено од образование само затоа што се лекува и дека болеста не значи изолација, прекин или заборавеност. Во тек биле обуки за ефективна работа на далечина на наставниците со овие деца.
Видете и ова: Над 10 милиони евра за превенција од болести, а се повеќе болниДиректорот на Клиниката, Реџеп Мемеди, истакна дека образованието не е само средство за учење, туку и клучна алатка за емоционална стабилност и зачувување на самодовербата на децата, па според тоа, додаде, вклучувањето на децата од болница во формалното образование значи половина здравје, бидејќи доброто ментално здравје кај овие мали пациенти значи дека многу полесно и помотивирано ќе го поминат долготрајниот пат на лекување.
Министерот за здравство Азир Алиу пак, најави дека ќе бидат изработени методологија и материјали што децата ќе треба да ги поминат, со цел да ги добиваат здравствените, но и образовните услуги.
Тој најави дека од утре (7 август) ќе се креира работна група, со цел обезбедување на квалитетен соодветен кадар за работа. Во моментов, на конкретниот оддел во Клиниката се лекуваат околу 20 деца, но тој број се менува. Како што соопштија надлежните кај децата со малигни заболувања, понекогаш третманот траел и до две години, зависно од самата патологија. Првите шест месеци, биле принудени цело време да бидат на Клиниката.