Изборната комисија на БиХ му го одзеде мандатот на Милорад Додик

Милорад Додик нема да има право да се кандидира за никаква политичка функција додека не истече шестгодишната забрана

На седницата во Сараево, Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина (ЦИК БиХ) донесе одлука за одземање на мандатот на претседателот на Република Српска, Милорад Додик, по потврдената конечна пресуда на Судот на Босна и Херцеговина.

Одлуката за одземање на мандатот беше едногласно усвоена.

Судот на Босна и Херцеговина го осуди Додик на една година затвор и забрана за вршење на таа и други политички функции во земјата во следните шест години, поради непочитување на одлуките на високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит.

Мандатот ќе биде одземен по истекот на рокот за жалба.

Жалбата се поднесува до Апелациониот оддел на Судот на Босна и Херцеговина во рок од два дена од денот на приемот на одлуката преку Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина, во согласност со Изборниот закон на Босна и Херцеговина.

Потоа, се очекува да се распишат предвремени избори за претседател на ентитетот Република Српска во рок од 90 дена.

Редовните општи избори се планирани за октомври 2026 година.

Според Изборниот закон на Босна и Херцеговина, мандатот на избран функционер завршува „на денот на правосилност на судската пресуда со која е осуден на казна затвор од шест месеци или подолго“.

Според пресудата на Судот на Босна и Херцеговина, Додик нема да има право да се кандидира за никаква политичка функција сè додека не истече шестгодишната забрана.

Тој претходно изјави дека нема да се повлече од функцијата претседател на РС и покрај конечната пресуда.

Додик и неговата партија, Алијансата на независни социјалдемократи (СНСД), ја отфрлија пресудата и ја повикаа опозицијата на „влада на национално единство“ во РС, како и заедничко дејствување во институциите на Босна и Херцеговина сè додека статусот на РС не се врати во „гарантирана уставна рамка“.

Видете и ова: Додик го посети Орбан по конечната пресуда на Судот на БиХ

Одбраната на Милорад Додик најави жалба до Уставниот суд на Босна и Херцеговина, со цел да се обиде да ја оспори пресудата.

Владата на РС објави дека не ја прифаќа второстепената пресуда на Судот на Босна и Херцеговина.

Тие ја оценија пресудата како „правно ништовна, неуставна и политички мотивирана“.

Во низата заклучоци донесени на специјална седница во Бања Лука во вторник, 5 август, меѓу другото, се нагласува дека „неуставниот Суд и Обвинителството на Босна и Херцеговина спроведоа политички монтиран процес против претседателот“, кој, како што е наведено, дејствувал исклучиво во согласност со своите уставни и законски овластувања.

Видете и ова: Милорад Додик правосилно осуден за непочитување на одлуките на високиот претставник

Додик беше прогласен за виновен за потпишување на указот за донесување на законите што високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, претходно ги отфрли.

Со тие закони, законодавните тела во РС се обидоа да го спречат спроведувањето на одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина и високиот претставник на територијата на ентитетот Босна и Херцеговина.

Кообвинетиот во случајот, вршителот на должноста Милош Лукиќ, директор на Службениот весник на РС, беше законски ослободен од обвиненијата.