Трамп вели дека неговиот претставник би можел да ја посети Русија оваа недела

Американскиот претседател Доналд Трамп.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговиот специјален пратеник Стив Виткоф би можел да отпатува во Русија на 6 или 7 август - последните денови пред новиот рок за Русија да преземе чекори за прекин на војната или да се соочи со санкции насочени кон нејзиниот извоз на нафта.

Трамп претходно изјави дека ќе го испрати Виткоф во Москва по неговото патување во Израел, но не наведе конкретен распоред.

Во разговор со новинарите на 3 август, Трамп повторно предупреди дека ќе воведе санкции ако Москва не се согласи на прекин на огнот во војната во Украина до 8 август.

„Ќе има санкции, но се чини дека се доста добри во избегнувањето на санкциите“, рече Трамп.

„Тие се лукави ликови и се доста добри во избегнувањето на санкциите, па ќе видиме што ќе се случи“, рече американскиот претседател.

Видете и ова: Украински напади предизвикаа пожар во нафтено складиште во Сочи

Секундарните царини веројатно би биле насочени кон Кина и Индија, двата најголеми купувачи на руска нафта.

Во меѓувреме, Киев и Москва разменуваат удари пред рокот на Трамп.

Во последниот напад, три лица беа убиени во југоисточниот украински регион Запорожје, изјави гувернерот Иван Федоров доцна на 3 август.

Степнохирск, град на само неколку километри од линијата на фронтот, беше нападнат, напиша Федоров на Телеграм, додавајќи дека двајца мажи, на возраст од 40 и 50 години, и една жена, на возраст од 58 години, биле убиени. Уништени се и приватни домови, рече тој.

Руските власти во црноморското одморалиште Сочи соопштија дека украински беспилотни летала запалиле регионално складиште за нафта рано на 3 август. Потребни биле повеќе од 120 пожарникари за да го изгаснат пламенот. Градоначалникот на Сочи, Андреј Прошунин, рече дека нема повредени.

Видете и ова: Украина ги интензивира нападите врз Русија

Во јужниот украински град Николаев, руски ракетен напад уништи домови и цивилна инфраструктура, изјави регионалниот гувернер на 3 август. Најмалку седум цивили беа повредени во нападот.

Трамп врши притисок врз рускиот претседател Владимир Путин да се согласи на прекин на огнот и да ја заврши војната, која сега е во четвртата година.

Трамп на 14 јули објави дека Путин има 50 дена да ја заврши војната или ќе се соочи со високи тарифи за руската нафта и другиот извоз, но подоцна го помести рокот до 8 август.