Украинските антикорупционери открија измама со купувањето дронови

Украински војници го проверуваат беспилотно летало „Лелека“ од украинско производство пред неговото лансирање во близина на фронтовската линија, за време на рускиот напад врз Украина, во Харковскиот регион, Украина, 20 јули 2025 година.

Националното биро за борба против корупцијата (NABU) и Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата (SAPO) на 2 август објавија на социјалните мрежи дека откриле голема шема за земање мито и купување оружје по превисоки цени во земјата.

Според нивното соопштение осомничените земале мито во корупциска шема во која државните средства биле користени за купување беспилотни летала и друга воена опрема по значително повисоки, „надуени“ цени.

Прекршителите земале мито од 30 проценти од вредноста на договорот, соопштија NABU и SAPO.

Агенциите не ги идентификуваа осомничените, но рекоа дека меѓу нив има еден пратеник и неколку окружни и градски службеници, и дека досега се уапсени четири лица, објави новинската агенција Асошиетет прес.

Министерството за внатрешни работи на Украина соопшти дека припадниците на Националната гарда, кои исто така биле вклучени во случајот, се отстранети од своите работни места.

Видете и ова: Украина ги интензивира нападите врз Русија

Беспилотните летала станаа клучен ресурс во војната меѓу Украина и Русија, а поголемиот дел од руските воени средства уништени од украинската армија биле цел на овие беспилотни летала. Со производство на дронови, Киев го проширува и домашното производство и извозот.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во говорот вечерта на 2 август изјави дека откриената корупциска шема е „неморална“ и им се заблагодари на агенциите за нивната работа.

„За жал, овие корупциски шеми вклучуваа набавка на системи за електронско војување и беспилотни летала FPV. Мора да има целосна и фер одговорност за ова“, додаде Зеленски во говорот, кој беше објавен на социјалната платформа X, порано позната како Твитер.

Контроверзната шема беше откриена два дена откако украинскиот парламент со огромно мнозинство гласаше за враќање на независноста на антикорупциските агенции. Овој потег ја поништи претходната одлука на Зеленски да ги ограничи овластувањата на агенциите, што предизвика неколку демонстрации.