Украински напади предизвикаа пожар во нафтено складиште во Сочи

Архивска фотографија, оштетена станбена зграда по рускиот напад во Одеса на 19 јули 2025 година, за време на руската инвазија на Украина.

Напад со украински беспилотни летала во текот на ноќта предизвика пожар во складиште за нафта во Сочи, руското одморалиште кое беше домаќин на Зимските олимписки игри во 2014 година, на околу 400 километри од украинската граница, соопштија властите во неделата, јавува новинската агенција Франс Прес.

Украина во изминатиот период често ја напаѓа руската нафтена и гасна инфраструктура како одговор на нападите врз сопствената територија откако Русија ја започна својата офанзива во февруари 2022 година.

„Сочи претрпе напад со беспилотни летала од страна на режимот во Киев синоќа“, изјави гувернерот на рускиот регион Краснодар, Венијамин Кондратиев, на социјалната мрежа Телеграм.

Тој рече дека остатоците од беспилотното летало погодиле „резервоар за нафта, што предизвикало пожар“.

Видете и ова: Кина и Русија започнаа поморски вежби во Јапонското Море

Градоначалникот на Сочи, Андреј Прошунин, рече дека нема жртви и дека „ситуацијата е целосно под контрола“, додавајќи дека пожарникарите продолжуваат да го гаснат пожарот.

Сликите, објавени од руските медиуми, но чија автентичност новинската агенција Франс Прес не можеше да ја потврди, покажаа пламен и густ облак од црн чад што се издигаше од местото.

Воздушниот сообраќај беше накратко прекинат на аеродромот во Сочи, но кратко потоа беше обновен, соопшти рускиот регулатор за воздушен транспорт Росавијација.

Украинските власти не коментираа за пожарот. Воздушните напади врз Сочи се релативно ретки во споредба со некои други руски градови.
Сепак, во нападите со украински беспилотни летала таму загинаа две лица кон крајот на минатиот месец, според локалните власти.

Киев соопшти дека ќе ги интензивира своите воздушни напади врз Русија како одговор на зголемувањето на руските напади на нејзина територија во последните недели, во кои загинаа десетици цивили.

Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана соопшти дека три украински беспилотни летала биле пресретнати во регионот Ленинград, кој го вклучува и балтичкото пристаниште Санкт Петербург.

Во ноќните напади на Русија во јужниот и северниот дел на Украина, исто така, повредени се неколку лица, соопштија властите.

Три други лица се повредени во североисточниот регион Харков, додаде таа, додека локалните власти, исто така, објавија повреди во регионите Запорожје и Херсон на југ.

„Русите продолжуваат да водат војна не против украинските сили, туку против украинските цивили“, рече Свириденко.

Минатата недела, американскиот претседател Доналд Трамп му даде на својот руски колега Владимир Путин десетдневен ултиматум, до следниот петок, за прекин на конфликтот во Украина.