Земјотрес од 7 степени по Рихтер и ерупција на вулкан во Камчатка

Архивска фотографија, Пламен и чад што се креваат за време на ерупцијата на вулканот Кључевскаја на полуостровот Камчатка во Русија, на 8 март 2021 година

Нов силен земјотрес со јачина од 7 степени според Рихтеровата скала утрово го погоди крајниот исток на Русија. Руските власти соопштија дека го откажале предупредувањето за цунами за полуостровот Камчатка во неделата, откако земјотрес ги погоди блиските Курилски Острови.

Според извештаите, земјотресот се случил во близина на брегот на крајниот југ од полуостровот Камчатка.

Епицентарот бил на длабочина од околу 40 километри. Ова е најсилниот во серијата земјотреси што следеа на 30 јули, кога регионот беше погоден од еден од најсилните земјотреси во историјата – земјотрес со магнитуда од 8,8 степени.

По тој земјотрес, следеа стотици „афтершокови“, со магнитуда до 6,5 степени.

Преку ноќ, вулканот Крашениников на Камчатка еруптираше за прв пат по 600 години, објавија во недела научници за руската државна новинска агенција РИА.

И двата инциденти би можеле да бидат поврзани со огромниот земјотрес што го потресе рускиот Далечен Исток минатата недела, што предизвика предупредувања за цунами дури до Француска Полинезија и Чиле, а потоа следеше ерупција на Кључевској, најактивниот вулкан на полуостровот Камчатка.

Курилските острови се протегаат од јужниот врв на полуостровот Камчатка. Руските научници предупредија во среда дека се можни силни последователни потреси во регионот во следните неколку недели.

„Ова е првата историски потврдена ерупција на вулканот Крашениников по 600 години“, изјави Олга Гирина, раководител на тимот за одговор на вулкански ерупции на Камчатка.

На Телеграм каналот на Институтот за вулканологија и сеизмологија, Гирина изјави дека последното излевање на лава од Крашениников се случило во рок од 40 години од 1463 година и оттогаш не е позната никаква ерупција.

Одделот на Камчатка при руското Министерство за вонредни ситуации соопшти дека по ерупцијата на вулканот е регистриран облак од пепел што се искачува до 6.000 метри. Самиот вулкан е висок 1.856 метри.

„Облакот од пепел се движеше кон исток, кон Тихиот Океан. Нема населени области по неговиот пат“, соопшти министерството на Телеграм.

На ерупцијата на вулканот ѝ е доделен портокалов код за авијација, што укажува на зголемен ризик за воздухопловството, соопшти министерството.