Пресудата против Милорад Додик, претседателот на босанскиот ентитет Република Српска (РС), сериозно ја поткопа безбедноста во регионот, оцени Српскиот совет за безбедност на 2 август.
Додик, беше осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење јавна функција на 1 август поради непочитување на одлуките на високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит.
Српскиот претседател Александар Вучиќ по седницата на Советот на 2 август изјави дека ова е „најтешката ситуација за нас од 2008 година“.
„Прашањето е каде и како ќе заврши ова и затоа е важно нашето инсистирање на зачувување на мирот и регионалната стабилност. Донесената одлука е ништо друго освен недемократска, таа е насочена и против Република Српска и српскиот народ како целина“, рече Вучиќ и нагласи дека „Додик нема да биде уапсен во Србија, ако дојде“.
Вучиќ изјави дека на српскиот народ во Косово му претстои „тешка борба за опстанок“ и дека таму е „многу тешко“, но дека „ситуацијата во Босна и Херцеговина му предизвикува најголем страв“.
Во заклучоците на Советот се наведува дека „политичката и безбедносната ситуација во регионот е сериозно нарушена, со тенденција дополнително да се влоши и да предизвика меѓуетнички конфликти директно насочени против српскиот народ“.
Видете и ова: Милорад Додик правосилно осуден за непочитување на одлуките на високиот претставникСоветот „ги повика сите актери во регионот да останат смирени и рационално да ја разгледаат ситуацијата“ и подвлече дека „ваквите акти директно го кршат уставниот поредок на Босна и Херцеговина, воспоставен со Дејтонскиот мировен договор“.
Примарната цел на дипломатските и правните активности на Србија по оваа пресуда, како што заклучи Советот, ќе биде „зачувување на РС во согласност со Дејтонскиот договор, со силна и активна кампања во меѓународните организации како најважни партнери“.
Србија, како што заклучи Советот, ќе „ги употреби сите дипломатски, политички и правни средства што ѝ се на располагање за да обезбеди поддршка на Република Српска и нејзините легални и легитимни претставници“.
Адвокатот на Додик, Горан Бубиќ, објави по објавувањето на пресудата дека ќе биде поднесена жалба до Уставниот суд на Босна и Херцеговина, во обид да ја оспори.
„Исто така, ќе побараме привремена мерка за замрзнување на извршувањето на пресудата до одлуката на Уставниот суд на БиХ“, рече Бубиќ на прес-конференција на 1 август во Бања Лука, наведувајќи дека ова се чекори неопходни за понатамошна жалба до Европскиот суд за човекови права.
На истата прес-конференција, Додик изјави дека не ја прифаќа пресудата ниту кривичното дело за кое е осуден.
Тој најави нови одлуки на Народното собрание на РС, кое треба да усвои „јасен план за тоа како да се излезе од ова“, без да прецизира какви би биле тие одлуки.