Пожарот на планината Готен од денеска ќе го гаси чешкиот хеликоптер „Блек Хок“, што вчера попладне пристигна на скопксиот аеродром. Се очекува денеска да се вклучи во гаснење на пожарот од беровската страна, соопшти денеска директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Утрово се одржа брифинг со старешини на Воздухопловен ВИНГ и екипата што го управува хеликоптерот, при што се запознаа со карактеристиките на теренот и пожарот на планината Готен.
„Најпогоден извор за полнење вода е вештачкото езеро Турија, што е оддалечено десетина километри воздушна линија од пожарот“, рече Стојанче Ангелов, директор на ДЗС.
Инаку и конвој од 61 пожарникар од Словенија со 18 возила од утрово се пристигнати во Северна Македонија. Меѓу нив, има и специјални теренски возила со опрема за справување со шумски пожари.
Според последните информации на Центарот за управување со кризи, на територијата на државата во изминатите 24 часа биле регистрирани вкупно 28 пожари на отворено, од кои три се сè уште активни, пет се под контрола, а дваесет се изгаснати.
Најсериозна е состојба на планинските предели меѓу Василево, Радовиш и Берово, каде гори нискостеблеста шума, смреки и густа вегетација. Локацијата е тешко пристапна па тоа ја отежнува интервенцијата на терен. Во Прилеп, кај селото Бешиште пожар се шири во неколку насоки – кон селото Градешница во Општина Новаци и се приближува до границата со Грција.
Третиот активен пожар е меѓу селата Царевиќ, Смолани, Радобил и Дрен кај Прилеп, со ширење и кон територија на Кавадарци, вклучувајќи ги Галиште и Трстеник. Пожарот не е локализиран.
Пет пожари се ставени под контрола, но не се целосно изгаснати. Меѓу нив се шумските подрачја околу селата Грешница и Црешево во Македонски Брод, каде деградираната дабова шума и ниската вегетација се покажаа како силно запаливи. Истиот епилог го имаат и пожарите во околината на Штип и Карбинци, како и борова шума кај Ќосевица во Македонска Каменица.