Седум активни пожари, 17 изгаснати – пристигнува помош од Чешка и Словенија

Архива - последиците од пожарот на преспаснкото крајбрежје во Долно Перово и Езерани.

Во изминатото деноноќие на територијата на државава се евидентирани вкупно 27 пожари на отворен простор, од кои седум сè уште се активни, три се ставени под контрола, а 17 се изгаснати, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК). Во гаснењето на пожарите денеска ќе се приклучат тимови од Чешка и Словенија. Чешка испраќа хеликоптер, додека Словенија испраќа тим од 50 пожарникари со специјализирана опрема.

Најкритични се пожарите во Малешевските Планини и на планината Голем Готен, каде што гори нискостеблеста шума, смрека и грмушки, како и во прилепското село Бешиште, кај местото викано Бешишки Рид, каде огнот се шири кон Градешница и границата со Грција. Таму не се интервенира поради детонации на теренот.

Видете и ова: Словенија и Франција понудиле помош на Северна Македонија за пожарите

Активни пожари има и во општините Прилеп, Кавадарци, Македонски Брод, Македонска Каменица, Чашка и Кичево.

Станува збор за опожарени површини со мешана и дабова шума, бор, грмушки и ниска вегетација. Под контрола се пожарите кај с. Грешница (Македонски Брод), меѓу с. Драгоево и Селце (Штип), и во с. Јунузлија (Карбинци).

Според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), денеска се очекува променливо облачно и посвежо време со услови за пороен дожд, грмежи и краткотрајно невреме. Максималните температури ќе се движат од 27 до 35 степени.