Тајланд и Камбоџа договорија прекин на огнот

Malaysia - Agread ceasefire between Thailand and Cambodia in Putrajaya, Malaysia, Monday, July 28, 2025.

Лидерите на Тајланд и Камбоџа се согласија на итен и безусловен прекин на огнот за да се стави крај на граничните судири, изјави малезискиот премиер Анвар Ибрахим на 28 јули, по разговорите што двата соседа од Југоисточна Азија ги водеа во Малезија.

На состанокот во малезискиот главен град Путраџаја присуствуваа и амбасадорите на САД и Кина.

Тајланд и Камбоџа меѓусебно се обвинија за започнување на конфликтот минатата недела, кој оттогаш ескалираше во борби со тешки артилериски напади на повеќе локации долж нивната копнена граница од 817 километри.

Тоа беше најсмртоносниот конфликт меѓу двата соседа од Југоисточна Азија во последната деценија.

Видете и ова: Продолжуваат борбите меѓу Тајланд и Камбоџа и покрај повиците за мир

Камбоџанскиот премиер Хун Манет претходно изјави дека состанокот бил заеднички организиран од Малезија и САД и оти ќе присуствува и Кина.

„Целта на овој состанок е итно да се постигне прекин на огнот. Тој беше инициран од американскиот претседател Доналд Трамп, а беше договорен од премиерите на Камбоџа и Тајланд“, напиша Хун Манет во објава на X (Икс) пред да замине на состанокот за разговорите.

На 27 јули, Трамп изјави дека верува оти и Тајланд и Камбоџа сакаат да ги решат своите разлики откако им кажа на лидерите на двете земји дека нема да потпишува трговски договори со нив сè додека не го завршат конфликтот.