На територијата на Северна Македонија, заклучно со 12:30 часот на 28 јули, активни се вкупно девет пожари, а шест се ставени под контрола, информираше Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Пожарите, кои и ова лето беснеат на отворено, според сомнежите на власта, во најголем дел се подметнати или се од невнимание.
„Имаме од 30 па и повеќе пожари секој ден. Вчера беа над 50. Најголемиот дел од нив, постојат основани сомневања дека се подметнати или пак од негрижа се имаат случено. Досега можам да кажам дека во јули месец ја држиме работата целосно под контрола“, изјави премиерот Христијан Мицкоски на 28 јули.
Деветте активни пожари се на териториите на општините: Василево, Радовиш и Берово; Прилеп; Прилеп и Кавадарци; Македонски Брод; Желино; Крива Паланка; Македонска Каменица; Илинден; Чашка.
Видете и ова: Нови противпожарни возила никако да го „разгорат“ буџетотЗа помош во справувањето со пожарите Северна Македонија го активираше и Европскиот механизам, но премиерот Мицкоски посочи дека „во овој момент нема слободни воздухоплови кои би се активирале“ поради тоа што пламените јазици беснеат насекаде во медитеранскиот дел на Европа, како што се Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Србија, Шпанија, Италија, Кипар, Грција, Турција…
„Во моментов повеќе од 200 припадници на армијата се на терен. Полицајците ги возат оние специјални возила – бетери, пицгауери и хермелини. Се организираме, работата е под контрола, ќе се случува цело лето. Ќе има и во август месец. Во овој момент немаме огнена стихија која е надвор од контрола“, изјави Мицкоски.
Во текот на изминатото деноноќие, според пресекот што утрото на 28 јули го направи ЦУК, на територијата на Северна Македонија биле регистрирани вкупно 51 пожар.