Пет лица се повредени, а една станбена зграда е оштетена во Киев во руски воздушен напад извршен доцна вечерта на 27 јули, објави на Телеграм шефот на киевската воена администрација, Тимур Ткаченко.
Откако се слушнаа експлозии во украинскиот главен град и неговите предградија градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, ги повика луѓето да останат во засолништа. Нападот врз Киев беше дел од поширок напад врз целата земјата.
Тревога беше прогласена за поголемиот дел од Украина во 23:50 часот по локално време на 27 јули. Предупредувањето важеше за целиот источен дел од земјата, како и регионот околу Киев.
Оперативната команда на вооружените сили на Полска соопшти дека биле активирани и нивните авиони за да се обезбедни безбедноста на полскиот воздушен простор.
Видете и ова: Зеленски вети повеќе напади во Русија, расте бројот на цивилни жртви во источна УкраинаВо последните недели руските сили извршија голем број напади со беспилотни летала врз Украина.
Претходно на 27 јули, во руски напад беше погоден автобус што превезуваше цивили во село во североисточната украинска Сумска област. Како што соопшти регионалната воена администрација, загинале три лица, а 19 биле повредени.
Овој напад се случил околу 16:30 часот по локално време, во близина на селото Иволжанске во општината Јунакивска, изјави Олех Хригоров, началник на регионалната воена администрација. Во автобусот имало вкупно 39 патници.
Загинатите биле жители на општината Јунакивска кои биле евакуирани оттаму, но периодично ги посетувале своите домови и фарми во пограничната заедница. Автобусот со кој патувале, неколку пати бил погоден од непријателски оган.