Премиерката на Италија не е за признавање на Палестина пред нејзиното основање

Премиерката на Италија Џорџа Мелони во Брисел, 28 јуни 2024 година.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска изјави дека „признавањето на палестинска држава пред да биде воспоставена може да биде контрапродуктивно“.

„Јас сум многу за палестинска држава, но не сум за нејзино признавање пред да се воспостави“, изјави Мелони за италијанскиот весник „Ла Република“, пренесува Ројтерс.

„Ако нешто се признае што не постои на хартија, проблемот може да изгледа решен, а не е“, додаде Мелони.

Видете и ова: Израел и САД остро реагираа на најавата на Макрон за признавање на палестинската држава

Одлуката на Франција да признае палестинска држава на Генералното собрание на Обединетите нации во септември предизвика осуда од Израел и САД, во услови на војна во Газа меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас, која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација.

Во петокот, италијанскиот министер за надворешни работи изјави дека признавањето на палестинска држава мора да оди рака под рака со признавањето на Израел на „нов палестински ентитет“.

Портпарол на германската влада изјави во петокот дека Берлин нема планови да признае палестинска држава на краток рок и рече дека негов приоритет сега е да се постигне „долгоочекуван напредок“ кон решение за две држави.