Украинскиот претседател Володимир Зеленски предложи нов антикорупциски закон откако претходниот закон со кој се ограничува независноста на две антикорупциски агенции ги привлече демонстрантите на улиците во градовите низ целата земја и предизвика строги предупредувања од европските престолнини за укинување на законодавството, кое е клучно за водењето војна против Русија.
„Тукушто го одобрив текстот на нацрт-законот што гарантира вистинско зајакнување на системот за спроведување на законот во Украина, независност на агенциите за борба против корупцијата и сигурна заштита на системот за спроведување на законот од какво било руско влијание или мешање“, напиша Зеленски на социјалната платформа Х порано позната како Твитер.
Тој посочи дека новото законско решение кое ќе го достави денеска ( 24 јули) е добро избалансиран.
„Најважно од сè, вклучува вистински алатки, исклучува какви било руски врски и ја поддржува независноста на антикорупциските агенции. Важно е да ја зачувуваме независноста. Важно е да го почитуваме ставот на сите Украинци и да им бидеме благодарни на сите што стојат со Украина“, додаде Зеленски.
Претходно Зеленски изјави дека претходното решение со кое беа ставени агенциите под контрола на Генералниот обвинител, кого го назначува претседателот, било направено за да се ослободат од наводното руско влијание.
Работата на независните агенции се смета за суштинска за евроинтегративниот пат на Киев.
Зеленски по синоќешните протести изјави дека го слушнал гласот на демонстрантите и дека ќе предложи до украинското Собрание ( Врховна Рада) нов закон кој му даде сила на системот за спроведување на законот.
„Нема да има руско влијание или мешање во активностите на агенциите за спроведување на законот и, што е многу важно, сите норми за независност на антикорупциските институции ќе бидат на сила“,изјави Зеленски.
ЕУ го поздрави ветувањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски да предложи нов закон за независност на агенциите за борба против корупцијата и рече дека Киев мора да одговори на загриженоста од Брисел.
„Видовме дека украинската влада презеде мерки“, изјави портпаролот на ЕУ, Стефан де Кирсмаекер на 24 јули.
Видете и ова: Протести во Украина откако Зеленски потпиша закон со кој се ограничува моќта на клучни агенции за борба против корупцијатаЗа веќе усвоената верзија на законот, против која протестираа демонстрантите, претставниците на антикорупциските агенции посочија дека може значително да ја ограничи нивната независност и потребни се „јасни и недвосмислени чекори“ за да се вратат заштитните мерки против владино мешање што претходно им беа гарантирани.
Европската Унија ја нарече одлуката за усвојување на оригиналниот закон „сериозен чекор назад“, додека другите противници на законот изразија загриженост дека тој претставува пресврт по една деценија демократизација.
Германија изјави дека законската промена „го попречува патот на Украина кон ЕУ“, додека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, побара од Зеленски да ги објасни измените на законот за антикорупциските агенции, изразувајќи силна загриженост за нивните потенцијални последици.
„Претседателката фон дер Лајен ги изрази своите силни загрижености за последиците од измените и побара објаснувања од украинската влада“, изјави портпаролот на ЕУ, Гијом Мерсие.
И покрај масовните воздушни напади врз главниот град во последните денови, стотици Украинци протестираа во центарот на Киев, барајќи Зеленски да стави вето на законот, велејќи дека е донесен набрзина и дека ќе ѝ дозволи на владата да се меша во случаи на корупција од висок профил.