Светската здравствена организација (СЗО) упати итен апел за спречување на повторна појава на епидемијата на вирусот чикунгуња, што го шират комарци.
Таква епидемија го зафати светот пред две децении.
Причина за загриженост се новите епидемии во регионот на Индискиот Океан, кои сега се шират во Европа и на други континенти.
Според претставникот на СЗО, Дијана Рохас Алварез, околу 5,6 милијарди луѓе во 119 земји живеат во области каде што постои ризик од овој вирус, кој предизвикува треска, силна болка во зглобовите и може да доведе до долготраен инвалидитет.
„Сведоци сме на повторување на историјата“, рече таа, споредувајќи ја сегашната ситуација со епидемијата од 2004-2005 година, која зафати речиси половина милион луѓе, главно во мали островски територии, пред да се прошири низ целиот свет.
Најновиот бран на пренос започна на почетокот на 2025 година, со големи епидемии на истите острови во Индискиот Океан кои претходно беа погодени, вклучувајќи ги Реунион и Маврициус.
Алварез рече дека вирусот сега заразил околу една третина од населението на островот Реунион.
Ширењето продолжува и во други земји, како што се Мадагаскар, Сомалија и Кенија, додека бројни случаи се регистрирани и во Индија и делови од Југоисточна Азија, рече таа.
Особено загрижувачко е зголемувањето на бројот на увезени случаи во Европа.
Од 1 мај, околу 800 увезени случаи на вирусот чикунгуња се регистрирани во Франција, рече Алварез.
Бидејќи комарците касаат во текот на денот, неопходна е превенција, употреба на инсектициди и облека со долги ракави, препорачува СЗО.