Судењето против Раде Трајковски - Штекли одложено, бил неспособен да го следи

Раде Трајковски-Штекли

Почетокот на судскиот процес против Раде Трајковски-Штекли и уште 9 лица обвинети за трговија со дрога е одложен за 7 август поради хоспитализација на обвинетиот Трајковски.

Трајковски утрово бил неконтактибилен и дезориентиран, поради што требало итно да биде пренесен во Клиничкиот центар, рече судијата Илија Трпков. Такви напади, како што дополни судијата, обвинетиот имал и во текот на вчерашниот ден.

По одложувањето, обвинителката Верица Бержецка-Крстева информираше дека во меѓувреме Штекли доставил психијатриско мислење дека не е способен да ги следи судењата. Таа рече дека и Јавното обвинителство ќе направи вештачење по таа околност и ќе бара подготвително рочиште за да се соочат вештачењата.

Видете и ова: Притвор за Раде Трајковски-Штекли и за уште деветмина

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поднесе обвинение против 10 лица за продажба на дрога. Истрагата траеше речиси една година и вклучуваше посебни истражни мерки. Првично беа опфатени 16 лица, но 7 од нив склучиле спогодби и добиле затворски казни од 3 години до 3 години и 6 месеци.

Како што соопштија претходно од ОЈО ГОКК, групата била добро организирана, со јасно поделени улоги - од набавка до продажба на кокаин и марихуана.

Во 2024-та година имаше три обиди за убиство на Раде Трајковски - Штекли во скопскиот трговски центар „Ист Гејт“ и неговата семејна куќа. Ккао што пишуваа медиумите, Штекли се смета за близок до криминалната група „Беланоца“.

Видете и ова: Приведен,па ослободен „полицискиот крт“ кој им „шепнал“ за акцијата на „Беланоца“

Претходно во декември минатата година Обвинителството почна истрага против 18 припадници на криминалната банда позната во јавноста како „Беланоца-Барон“ за сторени најмалку осум убиства, рекет, лихва и опожарени спортски обложувалници. Дел од уапсените се сомничат дека наплаќале од 10 до 250 илјади евра за убиство.