ДЗР: Да се надминат системските слабости околу уплатата на донации за партиите

илустрација

Навременото и соодветно менување на Изборниот закон ќе придонесе за организирање на подобри избори, смета амбасадорката на Швајцарија во земјава Вероник Хулман, која се надева дека при измените на Изборниот законик ќе бидат земени предвид препораките од Венецијанската комисија и заклучоците од Државниот завод за ревизија.

„Се надеваме дека препораките од Венецијанската комисија и заклучоците од Државниот завод за ревизија ќе бидат земени предвид при измените и дополнувањата на Изборниот законик така што соодветното и навременото менување на Изборниот законик ќе придонесе за организирање на подобри избори. Се надеваме дека тоа ќе се случи навреме“, изјави Хулман која денеска (15 јули) присуствуваше на конференцијата за финансиска отчетност на изборите организирана од Државниот завод за ревизија, Мисијата на ОБСЕ и ИФЕС.

Според Државниот завод за ревизија, остануваат системските слабости во делот на уредувањето на начинот на уплата на донациите каде што е оставена можноста донациите да бидат уплатени кај победникот на изборите, а не кај сите подеднакво.

„Нема поголеми прекршувања во претседателските и парламентарните избори. Клучната констатација на ДЗР е дека 77 проценти од платеното политичко рекламирање за претседателските избори се финансира од Буџетот на државата преку ДИК, додека за парламентарните избори е околу 67 проценти. Остануваат и понатаму состојбите кои треба да се надминат во делот на системските слабости како што е уредувањето на начинот на уплата на донации по објавување на конечните резултати. Нашето законодавство дозволува по објавување на конечните резултати, одредени правни и физички лица да плаќаат донации, а секако кога веќе ќе се знаат резултатите, останува можноста секој кој е заинтересиран, да уплати на победникот, а не на сите подеднакво“, изјави главниот државен ревизор Максим Ацевски.

Видете и ова: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ најголеми трошаџии за реклами во изборната кампања

Ацевски е задоволен и од отчетноста на политичките партии бидејќи од повеќе од 60 партии, само четири не ги испочитувале законските рокови за поднесување на финансиските извештаи и извештаите за донации.

„Од повеќе од 60 партии, само четири се блокирани за средствата што ги добиваат од буџетот што е огромен успех. Само неколку партии останаа блокирани со одлука на министерот за правда затоа што не ги испочитуваа законските рокови, иако беа навреме известени од страна на ДЗР дека треба да ги почитуваат законските рокови“, рече Ацевски.

Во земјава во октомври треба да се одржат редовни локални избори.