Салиу најави иницијатива за вработување и интеграција на Ромите за да се спречат девијантни појави

илустрација

Обезбедување постојана работа и интеграција на семејствата од ранливите групи, особено од ромската заедница, ќе елиминира девијантни појави, како што се случува на крстосниците во градовите каде деца и возрасни се обидуваат да заработат со миење на ветробранските стакла на автомобилите.

Ова во одговор на новинарско прашање го истакна министерот без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030, Шабан Салиу.

Преку иницијативи за преквалификација и законски измени, министерот нагласи дека, во координација со Министерството за труд и социјална политика и други надлежни органи, се планира креирање услови за вклучување на родителите на овие деца во нормалните работни процеси.

„Мораме да им обезбедиме на тие лица односно родителите на тие деца постојана работа да не доаѓаат до тие девијантни појави и да не ги пенализираме се додека не им овозможиме можности да се вклучат во интегративните процеси на државата, односно во нормалните работни процеси“, истакна Салиу.

Тој најави дека до Владата ќе поднесат иницијатива, бидејќи, според него, има начин како да се отстрани оваа, како што ја рече, девијантна појава.

Видете и ова: Салиу: Сегрегација на ромски ученици има и во Кочани и Прилеп

На прес-конференција, министерот Салиу во отчет за сработеното во изминатата година оцени дека се отворени патиштата за директна системска интеграција на Ромите во сите сфери во живеењето.

Најголеми постигнувања, според него, има во интегрирањето во образованието, а се работело и на пристапот до здравствени услуги и конкретни проекти насочени кон обезбедување пристапно и достојно домување.

Салиу соопшти дека во образованието обезбедени се средства за поддршка на ромските образовни политики преку две буџетски програми, а вкупниот буџет наменет за имплементација на мерките од Националниот акциски план за образование изнесува 42.442.000 денари, или 60 проценти од вкупниот буџет наменет за Роми на ниво на државава.

Во делот на здравството, според него, има значајни постигнувања во подобрувањето на пристапот до здравствени услуги за ромската заедница. Во текот на 2024 година, биле ангажирани 19 здравствени медијатори преку договор за дело во различни општини, а годинава биле издвоени 6.000.000 денари за имплементација на таа мерка и ангажирани нови 20.