Орбан: Заблуда е да се мисли дека Украина е подготвена за членство во ЕУ

Унгарскиот премиер Виктор Орбан

Колосална заблуда е да се мисли дека Украина е подготвена да се приклучи кон Европската Унија, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан во интервју за јавното радио Лајош Кошут, цитирано од унгарските медиуми.

Орбан рече дека лидерите на ЕУ на секој самит, како и јавно, велат дека Украина ги исполнила критериумите за членство во унијата.

„Европските лидери тврдат дека Украина ја елиминирала корупцијата, дека е управувана од владеењето на правото, ги почитува човековите права и има здрава економија. Тие зборуваат за Украина како сега преговорите за пристап да се само формалност. Како Украина да си ја завршила работата и сега е наш ред. Дека Украина мора да биде примена во 2030 година без оглед на сè“, рече премиерот.

Видете и ова: Знак на поддршка, но без акција: Дипломатското разочарување на Украина во Брисел и Хаг

Според Орбан, сепак, тврдењата дека Украина е подготвена да се приклучи кон ЕУ „се далеку од реалноста“.

„Можеби ги заведувате луѓето во Брисел, но таму каде што живееме, близу до украинската граница, оваа изјава е или колосална заблуда или целосна бесмислица“, додаде унгарскиот премиер.

Во меѓувреме, Орбан рече дека унгарските политички партии кои ја поддржуваат Европската комисија и европските лидери, како што се опозициската Демократска коалиција и Тиса, со право можат да се наречат „воени партии“.

Споед него, тие се членови на воената коалиција во Брисел, а додаде и дека постојат и антивоени мировни партии кои се во таборот на ФИДЕС.