Хамас соопшти дека одржува консултации околу предлогот за примирје во Газа

Појас Газа (илустрација)

Хамас, организација која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка, соопшти дека денеска (4 јули) одржува консултации со други палестински движења околу предлогот за примирје во војната со Израел, што е можен знак дека се подготвува за преговори за прекин на огнот во Газа.

Изјавата дојде пред посетата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на Вашингтон во понеделник (7 јули), во период кога претседателот Доналд Трамп се залага за завршување на војната.

Конфликтот во Газа започна со невидениот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, што предизвика масовна израелска офанзива насочена кон уништување на Хамас и враќање дома на сите заложници заробени од милитантите.

Два претходни прекини на огнот, посредувани од Катар, Египет и САД, доведоа до привремен прекин на борбите, заедно со враќање на израелските заложници во замена за палестински затвореници.

„Движењето спроведува консултации со лидерите на палестинските сили и фракции во врска со предлогот добиен од медијаторите“, се вели во соопштението на Хамас рано утрово на 4 јули.

Неколку часа претходно, Нетанјаху вети дека ќе ги врати дома сите заложници што ги држат милитантите во Газа, откако се најде под огромен домашен притисок, вклучително и од најблиските на заложниците, за нивната судбина.

„Чувствувам длабока посветеност, пред сè, за да обезбедам враќање на сите наши киднапирани, на сите нив“, им рече Нетанјаху на жителите на кибуцот Нир Оз, заедницата во која беа заробени најмногу заложници во нападот на Хамас во 2023 година.

Видете и ова: Израел се согласи на 60-дневен прекин на огнот во Газа, објави Трамп

Трамп во четвртокот изјави дека сака „безбедност“ за луѓето во Газа, додека се подготвува да го угости својот сојузник.

„Сакам да видам безбедност за луѓето од Газа. Тие поминаа низ пекол“, рече тој.

Палестински извор запознаен со преговорите за АФП претходно оваа недела изјави дека нема фундаментални промени во новиот предлог што се дискутира во споредба со претходните услови презентирани од САД.

Изворот рече дека новиот предлог „вклучува 60-дневно примирје, во текот на кое Хамас би ослободил половина од живите израелски заробеници во Појасот Газа, во замена за ослободување од на голем број палестински затвореници и притвореници од страна на Израел“.

Порано неделава, највисокиот израелски дипломат Гидеон Саар изјави дека секоја шанса за ослободување на заложниците „не смее да се пропушти“, откако Трамп го повика Хамас да се согласи на 60-дневен прекин на огнот, за кој рече дека има поддршка од Израел.

Војната која трае речиси 21 месец и се уште трае создаде ужасни хуманитарни услови за повеќе од два милиони луѓе во Појасот Газа, каде што Израел неодамна ги прошири своите воени операции против милитантите на Хамас.

Видете и ова: Убиени 59 лица во Газа додека се обидувале да добијат храна

Од 251 заложник киднапиран од палестинските милитанти за време на нападот на 7 октомври, 49 сè уште се во Газа, вклучувајќи 27 за кои израелската војска вели дека се мртви.

Во петокот, агенцијата за цивилна заштита на Газа соопшти дека во израелските напади извршени преку ноќ загинале најмалку 15 лица.

Претставникот на цивилната одбрана Мохамед ал-Мугајир за АФП изјави дека седум лица, меѓу кои и едно дете, се убиени во израелски воздушен напад врз шаторите на раселените лица во близина на градот Кан Јунис во јужниот дел на Газа. Мугајир рече дека уште осум лица се убиени во два други напади врз шаторски кампови на брегот на Кан Јунис, вклучувајќи го и оној во кој загинаа две деца рано наутро во петокот.

Израел ја започна својата офанзива во Газа како одговор на нападите од 7 октомври 2023 година, во кои загинаа 1219 лица, претежно цивили, според пресметката на АФП врз основа на израелски официјални бројки.

Во одмаздничката воена кампања на Израел загинаа најмалку 57130 луѓе во Газа, претежно цивили, според Министерството за здравство на територијата управувана од Хамас.

Обединетите Нации ги сметаат овие бројки за веродостојни.