Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Израел се согласил со условите за конечен договор за 60-дневен прекин на огнот во Газа, во кој ќе се вложат напори за завршување на војната во палестинската енклава.
„Моите претставници денеска имаа долг и конструктивен состанок со Израелците за Газа. Израел се согласи на потребните услови за постигнување на 60-дневен прекин на огнот, за време на кој ќе работиме со сите страни за да ја завршиме војната“, објави Трамп преку социјалните мрежи.
„Катарците и Египќаните, кои работеа многу напорно за воспоставување мир, ќе го поднесат овој последен предлог. Се надевам, за доброто на Блискиот Исток, дека Хамас ќе ја прифати оваа понуда бидејќи нема да биде подобро - ЌЕ СТАНЕ САМО ПОЛОШО“, заклучи американскиот претседател.
Амбасадорот на Израел во Обединетите Нации, Дени Данон, изјави дека Израел е „апсолутно“ подготвен за прекин на огнот, но не беше веднаш јасно дали Хамас ќе ги прифати условите од предложениот договор.
Најавата на Трамп доаѓа пред средбата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху закажана за следната недела, каде што американскиот претседател, како што самиот рече, ќе биде „многу цврст“.
Видете и ова: Убиени 59 лица во Газа додека се обидувале да добијат хранаНа 30 јуни, американскиот претседател изјави дека верува оти Нетанјаху сака да ги прекине непријателствата во Газа.
„Тој го сака тоа. Можам да ви кажам дека го сака тоа. Мислам дека ќе имаме договор следната недела“, додаде Трамп.
Исто така, на 30 јуни, израелскиот министер за стратешки прашања Рон Дермер беше на пат да се сретне со специјалниот претставник на САД за Блискиот Исток, Стив Виткоф, државниот секретар на САД, Марко Рубио, и потпретседателот Џ.Д. Венс во Вашингтон.
Зборувајќи за каналот на Би-Би-Си њуз, Данон рече дека Хамас, палестинската група која е прогласена за терористичка група од САД и Европската Унија, „игра тврдоглаво“.
„Вршиме притисок врз Хамас, и ако не дојдат на преговарачка маса, единствената опција што ќе ја имаме за да ги вратиме заложниците е да примениме поголем воен притисок“, рече Данон.
„Војната ќе заврши кога заложниците ќе се вратат дома“, додаде тој.
Околу 50 израелски заложници се уште се во Газа, од кои се верува дека најмалку 20 се живи.
Минатата недела, висок функционер на Хамас за Би-Би-Си изјави дека медијаторите ги засилиле напорите за посредување во нов прекин на огнот и договор за ослободување на заложниците во Газа, но дека разговорите со Израел остануваат во застој.
Израел изјави дека конфликтот може да заврши само кога Хамас ќе биде целосно распуштен. Хамас долго време повикува на траен прекин на огнот и целосно повлекување на Израел од Газа.
Коментарите на Трамп доаѓаат кратко откако Израел нареди евакуација во северна Газа пред зголемување на воената акција. Најмалку 20 Палестинци беа убиени во израелски воздушен напад врз кафуле на плажа во градот Газа на 29 јуни, според лекари и очевидци.
Израел започна воена кампања во Газа по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, во кој загинаа околу 1200 луѓе. Според Министерството за здравство управувано од Хамас, оттогаш во Газа се убиени најмалку 56647 луѓе.
Во март, претходниот договор за прекин на огнот пропадна кога Израел започна нови напади врз Газа. Израелската војска ја опиша акцијата како „превентивни напади засновани на подготвеноста на Хамас да извршува терористички напади, да акумулира сила и да се вооружува“.
Претходниот договор за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, кој стапи на сила на 19 јануари, беше планиран во три фази, но не помина првата.
Втората фаза вклучуваше воспоставување траен прекин на огнот, враќање на преостанатите заложници живи во Газа во замена за Палестинците затворени во Израел и целосно повлекување на израелските сили од Газа.