Амбасадата на Северна Македонија во Израел денеска соопшти дека воздушниот простор на Израел како и аеродромот, се затворени, а планот за евакуација на странски државјани преку аеродромот Тел Авив засега не е возможен.
Има најава за отворање на аеродромот, денес 22 јуни, од 14:00 часот - се наведува во информацијата што Амбасадата ја објави на Фејсбук.
-Од Министерството за туризам на Израел сме информирани дека функционира морска рута од Ашдод до Лимасол (Кипар) (компанијата "Mano Shipping"). Следниот брод со слободни места "Crown Iris" планирано е да отпловува од Ашдод на 27 јуни (петок) – велат од Амбасадата.
Оттаму информираат дека картите може да се купат директно од веб страната на компанијата.
Видете и ова: Муцунски: 28 македонски државјани се пријавиле за евакуација од ИзраелМакедонските државјани кои немаат никаков валиден пасош, молиме да се обратат до Амбасадата за добивање на Патен лист – додаваат од Амбасадата.
Во објавата се посочува и информација од Министерството за туризам на Израел во врска со патувањето со брод.
Инаку, првата група македонски државјани кои побараа евакуација од територијата на Израел пристигнаа на скопскиот аеродром во средата (18 јуни).
„Со ова, станавме една од првите земји во Европа што успешно организираше и реализираше повраток на своите граѓани од зоната на конфликт“, објави на социјалните мрежи министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
До понеделникот (16 јуни) поддршка за евакуација по ескалацијата на Блискиот Исток побарале 28 македонски државјани.
Министерот Муцунски тогаш на прес-конференција изјави дека вкупно 28 лица се пријавиле да бидат евакуирани од Израел и оти евакуацијата ќе се врши со владиниот авион. Тогаш најави дека осум наши државјани, од кои четири деца, ќе заминат во Египет и со авион на Владата, придружени од безбедносен конвој ќе пристигнат во Скопје.
Министерот во понеделникот најави дека втората група се очекува да го напушти Израел и да замине кон нашата држава веднаш по воспоставување редовен авионски сообраќај од Тел Авив.