Во процесот на дигитална трансформација на образовниот систем, интеграцијата на вештачката интелигенција (ВИ) претставува следен, логичен чекор кој значително ќе го унапреди квалитетот, ефикасноста и инклузивноста на образованието во Македонија – изјави денеска (21 јуни) министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
Таа рече дека ваквата технолошка иновација стратешки и постепено ќе биде имплементирана во начинот на учење, спроведување на наставата и генерално во развојот на човечките ресурси.
„Препознаваме дека вештачката интелигенција не треба да го замени човечкиот фактор во образованието, туку да го дополни и унапреди“, истакна Јаневска на Меѓународниот самит за образовни технологии, што се одржува во Истанбул, од 20 до 22 јуни 2025 година, во организација на Министерството за национално образование и наука на Република Турција.
Видете и ова: МОН го прошири опсегот на мерката субвенциониран студентски оброкТаа додаде дека вештачката интелигенција треба да овозможи создавање на образовна средина каде што секој поединец може да го развие својот потенцијал до максимум.
Министерката посочи дека воведувањето на вештачката интелигенција во основното образование е првиот и најкритичен чекор.
Децата, додаде, прво треба да стекнат основно разбирање што е вештачката интелигенција, како функционира, каде се среќава во секојдневието и треба да се фокусираат на нејзиниот етички пристап.
„Учениците мора да научат да бидат критички кон информациите кои ги добиваат од ВИ системите. Треба да бидат свесни дека вештачката интелигенција може да прави грешки и да има пристрасности и затоа податоците и изворите мора да споредуваат“, нагласи Јаневска.
Информираше дека работна група на Министерството за образование и наука со професори од факултети по информатика, работи на подоготовка на документ со насоки и посебни препораки за наставниците и учениците за примена на генеративна вештачка интелигенција во процесот на образованието.
Дигитализација во образовните услуги
Министерството за образование и наука во изминатиот период интензивно работеше на дигитализација на образовната сфера.
Видете и ова: Зошто се затвораат приватните научни институти?Јаневска информираше дека најголем дел од услугите кои ги нуди образовниот систем, како запишување на ученици во основно и средно училиште, нострификација на дипломи стекнати во странство, доделување на ученички и студентски стипендии, сместување во ученички и студентски домови и аплицирање на конкурси од областа на науката се дигитализирани.
Воспоставен е систем за учење на далечина, а етапно се воведуваат и дигитални интерактивни учебници.
Меѓународниот самит за образовни технологии се организира по шести пат. Оваа година над 100 учесници - креатори на образовни политики од повеќе земји, претставници на образовни установи, глобални техничко – технолошки компании и технолошки паркови се фокусираат на обликување на иднината на образованието преку примена на вештачката интелигенција.
На повеќе од 50 сесии на кои се дискутира за трансформативната моќ на дигиталните иновации во образованието и се разменуваат искуства поврзани со креирање стратегии за интегрирање на технологијата во образовните системи.