Постои основано сомнение дека е можно во раните утрински часови пред два дена да се случила саботажа во РЕК Битола. МВР го истражува случајот што е нивна работа, а на вработените во АД ЕСМ им останува час поскоро да го оспособат блокот 2 и да биде во функција, изјави денеска (19 јуни) премиерот Христијан Мицкоски.
„Важно е што навремено снабдување со електрична енергија ќе добијат сите корисници. Во РЕК Битола се даваат натчовечки напори во делот на дисциплината и ремонтите. Двата блока се веќе во ремонт, а работеше единствено овој, бидејќи таква е потребата на пазарот во моментов РЕК Битола да работи со еден блок, а пикот да се пегла со други извори“, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање на отворањето на комплексот „Македонско село“ во Горно Нерези.
Инаку вчера рано изутрина Термоблокот 2 во РЕК Битола автоматски се исклучи од електроенергетскиот систем поради проработување на заштитниот механизам на блокот, кој се активирал како последица на зголемена температура, односно опожарени дрвени елементи во близина на ормарот за електронско управување.
Во меѓувреме, целата централа остана без работа бидејќи првиот блок е во редовен ремонт, а третиот е исклучен поради намалена побарувачка.
Видете и ова: Почнува судењето за предметот „Адитив“Од АД ЕСМ посочија дека со оглед дека станува збор за потенцијална саботажа, веднаш по настанот, надлежните служби на РЕК Битола реагирале согласно оперативните протоколи и ја известиле криминалистичката полиција која извршила увид. Оттаму информираа дека струја има доволно, оти кусокот го обезбедуваат хидроцентралите и купената струја на берза.
Ова не е првпат сомнителен инцидент да ја погоди централата. Пред четири години, голем пожар го уништи трансформаторот на еден од блоковите, предизвикувајќи огромна штета и година ипол чекање на набавка на нов трансформатор.