Ристески: Ако има потреси во економијата, ќе реагираме со соодветни мерки

илустрација

Комплетната анализа на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) за зголемување на цените на прехранбените производи ќе биде готова во текот на наредната недела, најави денеска (18 јуни) заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески, прашан за тоа дали веќе се работи на мерки за намалување на цените на прехранбените производи во супермаркетите.

„Ние ги следиме цените максимално преку Државниот пазарен инспекторат правиме анализи и доколку заклучиме дека има потреба да се донесе некоја одлука и мерка ќе го направиме во интерес на граѓаните за заштита на животниот стандард. Пред сѐ, на нас како Влада ни се интерес граѓаните и нивниот животен стандард“, изјави Ристески.

Заменик министерот за економија и труд додаде дека врз основа на тековната анализа, која ја изготвува ДПИ има мало зголемување на цените.

„Особено вратени се дел од цените на производите како што беше пред одлуката, којашто беше пред еден месец и повеќе, има мало покачување на одредени цени, има останато некои и на исто ниво. Но, имаме поголемо зголемување на цените на кафето и маслото, кои се берзански производи и зависат од светските берзи. Меѓутоа, сепак за крајна одлука ќе биде известена јавноста, доколку ја има, а тоа ќе ја покаже комплетната анализа, која ќе биде готова во текот на наредната недела“, рече Ристески.

Видете и ова: Зголемени цени и зголемен револт - можни протести и бојкоти

Прашан за кризата на Блискиот исток, која најверојатно ќе се рефлектира и на берзата на енергенси и за тоа дали Владата има план како да се справи со нов енергетски удар, Ристески посочи дека Владата ја следи ситуацијата на светско ниво.

„Ја следиме не само ситуацијата на внатрешната економија, туку ги пратиме и светските случувања, како што иде, така и ќе реагираме како Влада. Мораме да бидеме и претходно подготвени, да имаме информации и да имаме состаноци на повеќе министерства и на ниво на Влада. Се следи ситуацијата доколку ескалира работата, која би предизвикала и одреден потрес и на светската економија, нормално е дека ќе реагира Владата со соодветни мерки“, изјави Ристески.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска деновиве изјави дека Владата не може да влијае на цената на берзанските производи, но дека внимателно се следи ситуацијата.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски пак изјави дека војната меѓу Израел и Иран ќе има влијанија врз цената на нафтата и во Македонија, но дека не очекува влијание на цените на останатите продукти. Тој изрази надеж дека по пикот цените ќе се стабилизираат, посочувајќи го примерот со војната во Украина кога цената на дизелот достигна 110 долари по барел.