Зградите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје ќе продолжат да се градат откако ќе биде направена стручна анализа од работна група која, на иницијатива на МОН, ќе ја координира Градежниот факултет на УКИМ.
Нивната изградба, во близина на Ректоратот на Скопскиот универзитет, почна во 2015, беше запрена во 2019, а повеќе од шест години нема никаква теренска активност.
Во меморандумот што денеска (6 мај) го потпишаа првите луѓе на МОН, УКИМ, Градежниот факултет и Службата за општи и заеднички работи при Владата (СОЗР), се предвидува формирање на тим кој ќе прави анализа за состојбата во која стојат започнатите објекти и која ќе го дефинира начинот како да се одблокира и да продолжи изградбата, како и сите наредни фази до конечна реализација на проектот.
Исто така се предвидува и изработка на финални ревидирани проекти по кои ќе продолжи изградбата, затоа што постојните се стари над една деценија. Потоа треба да почнат постапките за јавна набавка и да се избере најповолен изведувач.
Се очекува на крајот на оваа или почетокот на идната година да биде објавен јавниот повик за изградба на двата објекта. Од расположивите средства во буџетот ќе зависи дали ќе се градат одеднаш или еден по еден.
Видете и ова: ФИНКИ ќе добие зграда, но прво да се види што е украдено и уништеноВо тимот што ќе ја прави стручната анализа ќе бидат претставници-експерти од соодветни факултети и институции, од засегнатите факултети, како и од ИЗИИС, а сите ќе ги координира Градежниот факултет.
„Со овој меморандум формираме работна група во која секој од нас, односно институциите кои ги застапуваме, се обврзуваат да спроведат индивидуални и заеднички активности кои ќе придонесат кон обезбедување чиста состојба за продолжување на изградбата на овие два објекта. Заедно ќе извршиме увид во физичката состојба на објектите, ќе направиме преглед на расположливата инвестициско-техничка документација и дефинирање на начинот на кој би продолжила изградбата во согласност со потребите на крајните корисници“, истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Додаде дека веројатно ќе треба и дополнување на првичниот архитектонскиот проект бидејќи, рече, „веќе е донесена одлука фасадата дефинитивно да биде променета“.
Според потпишаните договори за реализација на проектите во 2015 година, изградбата на ФИНКИ требало да чини 784 милиони денари, но само 40 проценти од работите во договорот се реализирани и исплатени.
Градењето на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, пак, требало да чини 432 милиони денари, а реализација на проектот е 16,2 проценти или исплатени 73 милиони денари.