Работата и работните односи се најчестите области во кои се пријавува дискриминација, но исклучително зголемен е бројот на претставки во областа на членувањето во синдикалното организирање. Ова го покажува најновиот Годипен извештај за спречување и заштита од дискриминација за 2024 година во однос на 2023-та. Во него исто така се забележува благо намалување на бројот на претставки за 20 отсто.
Зголемен е бројот на претставки во однос на националната или етничка припадност, зад што најчесто стои политичко уверување. Сепак претсдателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Игор Јадровски вели дека граѓаните сѐ уште не се охрабрени да пријават дискриминација врз основа на политичко уверување.
Согласно Извештајот, загрижувачки е тоа што скоро 80 отсто од утврдените дискриминатори се државни институции, органи на управата, општини и претпријатија кои вршат јавни овластувања.
„Доставени беа 405 претставки во 2024 година што е за 116 помалку од 2023-та. Речиси идентичен е бројот на мажи и жени што поднесуваат претставки и расте процентот на луѓе кои лично се обраќаат до нас“, изјави Јадровски пред презентацијата на Извештајот.
Од новите 407 предмети кои биле отворени годинава, 405 биле претставки поднесени од граѓани и организации, а останатите две се постапки кои КСЗД ги повела по службена должност.
Видете и ова: Најмногу дискриминации за сексуалната ориентација, попреченоста и работните односиИсто како и во претходната година, најчесто место на сторена дискриминација е во институциите на јавниот сектор (37 случаи или 66%), а утврдени се и случаи во приватниот сектор (9 случаи или 16%), како и на социјалните мрежи и медиумите (10 случаи или 18%). Во однос на областите, најмногу утврдени случаи се во работата и работните односи, образованието, науката и спортот и јавното информирање и медиуми, а потоа правосудство и управа, пристап до добра и услуги и во други области.
Заради непостапување по препораките на Комисијата, во 2024 година, поднесени се 10 барања за поведување прекршочни постапки против утврдени дискриминатори, а до крајот на годината донесени се две обвинителни пресуди од надлежниот суд за прекршоци.
Во пресрет на локалните изборите годинава, Комисијата потсети и предупреди дека сѐ уште не се исполнети препораките кои биле упатени во 2021 година, а се однесуваат на отстранување на дискриминацијата која ја продуцира Изборниот законик врз основа на возраст, здравствена состојба и личен статус, со што непосредно пред одржување на уште еден циклус избори, различни групи на граѓани повторно се оневозможени да го остварат уставното право на глас.
Видете и ова: Над 60 отсто судии и обвинители се жени, но тешко напредуваатВо ланскиот извештај за работата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за (2023 година), граѓаните најмногу се жалеа за сексуалната ориентација, родовиот идентитет, националната и етничка припадност, како и политичкото уверување.
КСЗД е национална институција за човекови права, надлежна за спречување и заштита од дискриминација. Таа е самостоен и независен орган основан од Собранието на Република Северна Македонија и своите надлежности ги врши во согласност со Законот за спречување и заштита од дискриминација.