Си: Нема победници во трговската војна

Кинескиот претседател Си Џинпинг

Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска (14 април) ја започна еднонеделната турнеја низ Југоисточна Азија во Виетнам, истакнувајќи ја посветеноста на Пекинг на глобалната трговија. Турнејата ја почнува веднаш откако американскиот претседател Доналд Трамп ја разбранува глобалната економија со одлуката за нови царини кон земјите.

Иако Трамп ги паузираше новите царини за голем број земји, тој ги остави оние за Кина, втората по големина економија во светот, на 145 отсто.

„Нема победници во трговската или војната со царини“, напиша Си во статијата објавена во виетнамските и кинеските официјални медиуми.

„Нашите две земји треба цврсто да го чуваат мултилатералниот трговски систем, стабилните глобални индустриски и снабдувачки синџири и отворената и кооперативна меѓународна средина, додаде Си.

Видете и ова: Трамп објави 90-дневна пауза за царините за повеќето земји, за Кина ги зголеми на 125 отсто

Тој денеска пристигна во Ханој на почетокот на дводневната посета на Виетнам. Си ќе се сретне со генералниот секретар на Комунистичката партија на Виетнам То Лам и премиерот Фам Мин Чин.

Виетнам има искуство во балансирање на односите со САД и Кина. Таа е управувана од комунистички еднопартиски систем како Кина, но има силни врски со САД.

Кина е најголемиот трговски партнер на Виетнам, а кинеско-виетнамската трговија ќе расте за 14,6 отсто на годишно ниво во 2024 година, според кинеските државни медиуми.

Видете и ова: Кина ги зголеми царините за Америка на 125 отсто

Трамп воведе царини од 46 отсто за Виетнам пред да прогласи 90-дневна пауза во спроведувањето на таа одлука.

Кина и Виетнам имаат и разлики и спорови, вклучително и за територијата во Јужното Кинеско Море. Виетнам имаше судири со кинеската крајбрежна стража, но не често објавува информации за таа конфронтација. По Виетнам, Си треба да оди во Малезија, а потоа во Камбоџа.