ДУИ со реакција за ново осомничените во истрага за пожарот во Кочани

Изгорената дискотека Пулс во Кочани каде загинаа 59 млади луѓе

Албанскиот народ во земјава е под напад од институциите на сопствената држава, тврди опозициската партија ДУИ. Оваа реакција следува по информацијата дека Обвинителството ја проширува истрагата за пожарот во Кочани за нови 23 нови осомничени, како и неофицијалните информации дека се приведени поранешни министри за економија и директори на Дирекцијата за заштита и спасување.

Во нивната реакција е посочено дека ваквиот начин на водење на истрагата за трагедијата во Кочани, не е правда, туку „одмазда за вклучувањето на Албанците во институционалните текови“.

„За да се заштитат себеси и своите, премиерот, министерот за внатрешни работи и јавниот обвинител еднострано ја насочија истрагата против Албанците кои на каков било начин и кога било биле дел од институциите на системот. Јасно изјавуваме дека денес против Албанците е прогласена еднострана и неправедна агресија, без разлика дали станува збор за ДУИ, за албанските партии во власта или за Албанците воопшто“, е наведено во сооопштението на ДУИ.

Видете и ова: Обвинителство: Проширена истрагата за пожарот во Кочани

Според соопштението од Јавното обвинителство, во тек е акција за приведување на повеќе лица, со цел проширување на истрагата за откривање на причините кои доведоа до пожарот во дискитеката „Пулс“ во Кочани при кој загинаа 59 млади луѓе, а двајца подоцна им подлегнаа на повредите.

Детали околу приведувањето на новите лица од институциите засега нема, но дел од медиумите повикувајќи се на извори од Министерството за внатрешни работи пишуваат дека на информативни разговори во полициски станици биле повикани и актуелниот министер без ресор кој од 2008-мата до 2017 година беше директор на Дирекцијата за заштита и спасување Шабан Салиу. Според нивните информации повикан на инфомативен реазговор е наследникот на Салиу Аднан Џаферовски и актуелниот директор Џеват Селами.

Според информациите од ТВ 21 во проширеанат истрага се опфатени поранешните министри за економија уште од минатата влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ Беким Незири, Дритон Кучи и Ваљон Сарачини, како и поранешниот директор на пазарен инспекторат Виктор Дерменџиев.