Протестен марш организиран од граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ ќе се одржи денеска во Скопје по поради, како што велат алармантниот молк и неодговорното постапување на надлежните институции во врска со хаваријата и истекувањето на токсични материи од рудникот Тораница во Крива Река.
Маршот е најавено дека ќе започне од пред Министерството за животна средина и просторно планирање, а ќе заврши пред Пред Државниот инспекторат за животна средина.
„Протестот го користиме како алатка за да го насочиме фокусот таму каде што треба да биде – кон правото на здрава животна средина, кон одговорноста на институциите и кон правото на сите нас да знаеме што пиеме, што јадеме и што дишеме!“, се вели во нивното соопштение.
Претходно, на 7 април, Основното јавно обвинителство Куманово, информираше дека предметот за загадување на Крива Река во Крива Паланка ќе го преземе Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Кумановското обвинителство отвори предмет, по кој до нив пристигнала кривична пријава од актуелниот градоначалник на Крива Паланка.
„Сега го чекаме вештачењето од лабораторија. Стигна и кривичната пријава од градоначалникот која е квалификувана по член 218 „загадување на животната средина“, за тоа кривично дело надлежно е обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Разговарав со шефот на тоа обвинителство, подготвени се да го преземат предметот и да постапуваат понатаму. Ќе бидеме во контакт со нив“, изјави шефицата на ОЈО Куманово, Теута Бедиу Рамадани.
Видете и ова: Отровна спогодба?Водата во Крива Река е сериозно загадена и спаѓа во најлошата категорија на загадени води, неупотреблива за било која намена. Ова го соопшти градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, на 3 април, откако Општината ги добила резултатите и од втората анализа на водата од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), а направена на барање на риболовното друштво „Мрена“.
И претходната анализа од минатата недела, направена на барање на општината од страна на лабораторијата „Технолаб“, покажа загадување со тешки метали, вклучително олово и цијанид.
Одговорноста за токсичната вода во и во Крива Река и во Тораничка, локалната власт ја гледа кај фирмата БУЛМАК 2016 ДООЕЛ, која стопанисува со рудникот Тораница.
Компанијата „Булмак 2016“, која е сопственик на рудникот „Тораница“ ги отфрла обвинувањата дека ја загадиле водата во Крива и Тораничка река.
„Можеби имало некакво загадување во Крива Река, но ние сме убедени дека по добивањето на резултатите од лабораторијата и сите чекори што ги презедовме, како компанија која има највисока А интегрирана еколошка дозвола, постапивме целосно согласно законските прописи и дека причината за заматување или загадување или било каква друга последица не е компанијата Булмак, односно не е рудникот Тораница“, изјави директорот на БУЛМАК, Тони Тоневски на 2 април.