Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за Блискиот Исток слетал во Русија во услови на наплив од дипломатски активности околу војната во Украина, што вклучува американско-украински разговори во Вашингтон и состанок предводен од Велика Британија и Германија во Брисел.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за руските државни медиуми изјави дека специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, пристигнал на 11 април. Тој ненајавено застанал во Москва, пред да замине во Оман, на разговори на високо ниво со Техеран за нуклеарната програма на Иран, закажани за 12 април.
Песков рече дека дополнителни информации ќе следат доколку претставникот на Трамп се сретне со претседателот Владимир Путин.
Видете и ова: Нови разговори за Украина и истакнување на поделбите меѓу САД и ЕвропаРуската државна новинска агенција ТАСС соопшти дека Виткоф веднаш се сретнал со Кирил Дмитриев, близок човек на Кремљ и раководител на Рускиот фонд за директни инвестиции (РФДИ). Минатата недела двајцата мажи се сретнаа во Вашингтон, каде што разговараа за зајакнување на билатералните односи.
Посетата доаѓа еден ден откако американските и руските претставници се состанаа во Истанбул за да разговараат за нормализација на дипломатските односи, што потенцијално ќе ги поништи некои од масовните протерувања на персоналот на амбасадите од целосната инвазија на Русија врз Украина во 2022 година.
Ова е трета посета на Виткоф на Русија откако Трамп ја презеде функцијата, ветувајќи дека ќе ги поправи односите со Москва.
Минатиот месец, неговата средба со Путин го отвори патот за телефонски разговор меѓу двајцата претседатели. Тој, исто така, ја посети земјата во февруари и беше дел од разговорите меѓу САД и Русија во Ријад.