Кина ги зголеми царините за Америка на 125 отсто

илустрација

Кина денеска (11 април)објави дека ќе ги зголеми царините за американските стоки од 84% на 125% што е последниот потег во ескалацијата на трговската војна меѓу двете најголеми економии во светот, која ги потресе пазарите и предизвика стравувања од глобално забавување.

Додека американскиот претседател Доналд Трамп оваа недела ги паузираше увозните даноциза другите земји, тој ги зголеми царините за Кина и тие сега вкупно изнесуваат 145%.

Кина ја осуди политиката како „економско малтретирање“ и вети контрамерки. Новите царини стапуваат во сила во сабота.

Повторното зголемување на царините од страна на Вашингтон „ќе стане шега во историјата на светската економија“, изјави портпаролот на кинеското Министерство за финансии во соопштението во кое ги објави новите царини.

„Сепак, ако САД инсистираат на тоа да продолжат значително да ги кршат интересите на Кина, таа решително ќе се спротивстави и ќе се бори до крај“.

Кинеското Министерство за трговија соопшти дека ќе поднесе уште една тужба до Светската трговска организација против американските царини.

Видете и ова: Фон дер Лајен ја поздрави најавата на Трамп за пауза на новите царини

Мерките на Трамп, кои повторно се активираат предизвикаа тревога на берзите и обврзниците и доведоа до предупредување од некои дека САД би можеле да бидат насочени кон рецесија. Имаше одредено олеснување кога Трамп ги паузираше царините за повеќето земји, но загриженоста останува бидејќи САД и Кина се најголемите светски економии.

Трговската војна меѓу САД и Кина „би можела сериозно да ги оштети глобалните економски перспективи“, изјави претходно неделава шефот на Светската трговска организација, Нгози Оконџо-Ивеала.

Кинеските царини ќе влијаат на производите како што се соја, авионите и нивни делови и лековите кои главно се увезуваат од САД.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Што значат за вас американските царини?

Пекинг, во меѓувреме, минатата недела го суспендираше увозот на сирак, живина и коскено брашно од некои американски компании и воведе поголема контрола на извозот на ретки минерали, кои се критични за различни технологии.

Во меѓувреме, најважните увозни производи на Соединетите Држави од Кина вклучуваат електроника, како што се компјутери и мобилни телефони, индустриска опрема и играчки, а потрошувачите и бизнисите веројатно ќе забележат зголемување на цените на тие производи, со царини кои сега изнесуваат 145%.

Трамп во среда објави дека Кина ќе се соочи со царини од 125%, но не вклучи царина од 20% за улогата на Кина поврзана со производството на фентанил.

Официјалните лица на Белата куќа се надеваат дека царините за увоз ќе создадат повеќе работни места со враќање на производството во Соединетите Држави, што е политички ризичен компромис за кој би можеле да бидат потребни години за да се материјализира.